Писториус: Путин дава „празни ветувања“ за прекин на огнот

Разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш покажа дека Москва сè уште не е подготвена да прави отстапки, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Путин само зборуваше за прекин на огнот под негови услови, кои вклучуваат Киев да се откаже од членството во НАТО, да ги отстапи окупираните територии и многу повеќе, рече германскиот министер, при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ во Брисел.
– Владимир Путин очигледно продолжува да игра на време, рече Писториус.
– -Путин сè уште не изгледа сериозно заинтересиран за мир, за прекин на огнот. Барем не под услови кои се прифатливи за другите, додаде тој и нагласи дека доказ за тоа се неодамнешните руски напади врз Украина.
– Нападите со околу 270 дронови зборуваат сами за себе. Неколку луѓе во Украина се убиени и многу повредени. И мислам дека тоа зборува погласно од празните ветувања што ги слушнавме досега, рече Писториус.
Како последица на најновите случувања, Писториус верува дека ЕУ треба дополнително да ја прошири својата воена поддршка за Украина и да го зголеми притисокот со санкциите, пренесе ДПА.
– Најефективна санкција е дополнително да се прекинат паричните текови, приходите од продажба на енергија за Русија. Во тој правец треба да одиме понатаму, рече Писториус.