Писмото

Премиерот се изложи самиот пред јавноста како човек со дилеми: не знае дали да им пишува или не писмо на луѓето во Брисел. А се претставуваше како човек и политичар со цврст став кај кого нема колебања


Да пишам, да не пишам? Да пишам, да не пишам? Да пишам, да не пишам?

Вакви дилеми изгледа го мачат македонскиот премиер откако се врати од самитот на Берлинскиот процес во Берлин. Пред да отиде на лидерската средба беше сигурен дека ќе напише писмо до европските лидери за да им ја објасни позицијата на новата влада за одблокирање на европскиот пат и како да се избегне условот за уставните промени. Му требала само уште една мала навигација која требало да ја добие од европските лидери.

По таа навигација од средбите со нив тој се вратил од Берлин како поголем оптимист, затоа што „голем дел од европските и светските дипломати со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции поврзани со евентуално можно решение кое го предлагаме и за кое зборуваме изминатиов период. Мислам дека ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓународната сцена“, рече тој во четвртокот во разговор за Сител.

Па уште додаде дека „слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека откако ќе се консолидира општеството по изборите, ќе имаме појасна слика и дека ќе добиваме конечни пораки. Ние велиме, тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ, тогаш да важат уставните измени“.

На кои збунувачки изјави од Софија мислел премиерот не е баш јасно. Од таму постојано официјално изјавуваат дека Бугарија веќе нема ништо со Преговарачката рамка, дека таа е донесена од 27-те земји на ЕУ и дека Скопје понатаму има работа со Брисел, а не со Софија. Можеби потсвесно мислел на збунувачките тонови што и тој и првенците на неговата партија ги кажуваа пред изборите и во првите недели на новата влада. Де ќе се раскинувал Договорoт со Бугарија, де Преспанскиот договор, де Северна Македонија е понижување и тоа никогаш нема да го прифатат (за потоа и тој и претседателката јавно да изјавуваат дека се раководители на Северна Македонија), де Преспанскиот договор е ужасно лош, а сега предлагаат во бугарскиот случај да се применуваат одредби од преспанскиот затоа што биле многу добри… Де ова, де она. Тоа е политиката – најмногу сакаш да земаш само од десертот на масата полна со јадења. А, како што рече албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференцијата по почнувањето на преговорите по кластери на неговата земја со ЕУ – не можеш да земаш само десерти, мора да голтнеш нешто то ти создава горчина во устата. Дури и едвај можеш да го проголташ. А тоа треба да го направиш за да продолжиш понатаму.

Моќта на едно писмо

Не знаеме дали Мицкоски ќе го напише писмото или не. Иако јавноста веќе беше во едно љубопитно исчекување. Какво ќе биде писмото? До кого ќе биде адресирано? Во кој стил ќе биде напишано? Дали тоа ќе биде труд на дипломатските умови на владата или пак творба само на премиерот? Едно писмо може да предизвика многу бранови во општеството, ако ја има вистинската моќ.

Ако го напише, највозрасните ќе имаат можност да се потесетат на она славно писмо на Тито и Претседателството на СКЈ од септември 1972 година, со кое тој ја почна конечната пресметка со српските либерали, откако претходно ги елиминираше од власта водачите на „хрватската пролет“, Савка Дапчевиќ-Кучар и Мика Трипало. Од сериозните лица на телевизиските спикери слушавме како по националистичкиот „мас покрет“ во Хрватска во Србија почнало нешто поинакво – анархо-либерализам, со кој тогашните српски раководители, Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ, сакале да ја поткопаат неприкосновената улога на Сојузот на комунистите. Не само тоа, да внесат и пазарни елементи во системот на самоуправувањето. Тие мораа да заминат и беа брутално принудени да заминат. Тито во своето писмо, кое го пишуваше заедно со Стане Доланц, им упати порака на членовите на СКЈ партијата да биде што е можно поборбена, дека главна цел е борбата против бирократијата и технократијата, дека демократскиот централизам мора максимално да се почитува и дека е потребна уште поголема контрола на СКЈ над југословенското општество.

Притоскот врз либералите се зголеми и во Македонија, Словенија и Босна и Херцеговина. Никезиќ и Перовиќ си поднесоа оставки; во Македонија тоа беше случајот со Славко Милосавлевски, во Словенија со Стане Кавчиќ. Речиси да беше милина за тврдокорните комунистички уши да се слушаат вестите од телевизиите како нашироко се прифаќа Титовото писмо, а утредента тоа да се чита низ весниците. Југославија се врати три чекори назад.

Во оваа ера на неверојатни комуникациски можности евентуалното вакво „силно“ писмо на Мицкоски до европските лидери ќе може да го слушаме од сите можни страни, да го читаме преку порталите и социјалните мрежи, па може да се прават и мали драмски епизоди за тоа како македонскиот премиер го нуди решението за отплеткување на европскиот јазол на Македонија. Па ќе се викаат зависни, независни, полузависни, слободни аналитичари да ги толкуваат зборовите на премиерот и неговата борба со европската бирократија и технократија, со ужасната себичност на некои земји членки, кои го понижуваат кроткиот македонски народ кој веќе решил да не трпи понатамошни понижувања. Па, како тој нуди решение кое е толку едноставно – да се почитува Договорот за добрососедство со Бугарија; како сите аргументи се на наша страна. Да те опфати една милина, па дури и нирвана од грижата на лидерот за неговата земја и нејзините граѓани.

Дилемите на оптимистот

Може да биде штета за состојбата и духот на нацијата ако писмото не биде напишано. Или, ако биде напишано да не биде испратено. Многумина навиваат премиерот да ги разреши своите сопствени дилеми и да се одважи да го прати писмото, кога веќе сега бил многу поголем оптимист. Нема од што да стравува, кога аргументите се наша страна. Како што беа 25 години во спорот со Грција. Дури и ја добивме Атина во Меѓународниот суд на правдата.

Може во него да го спомене и омилениот меѓудржавен случај кој постојано го нагласува дипломатскиот гуру на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски: решението на граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска со кој на Загреб му се овозможи патот кон ЕУ по десетмесечната блокада од Љубљана. На овој случај минатата недела со голема жар се наврати и нашиот филозоф Ферид Мухиќ, за време на интервјуто на Канал 5. Мухиќ елаборираше дека ЕУ треба да ја преземе одговорноста и да арбитрира меѓу Словенија и Хрватска во граничниот спор околу Пиранскиот Залив и копнената граница на реката Драгоња за неколку стотици хектари и повеќе села. „ЕУ мора да се вклучи. Мора да се направи арбитражна комисија од ЕУ“, велеше Мухиќ. Слични нешта веќе две години тврди Милошоски.

Но ако премиерот ги реши своите дилеми и сепак напише писмо до ЕУ би требало да биде повнимателен ако сака да го стави овој случај како образец. Затоа што вистинските настани не беа и не се онакви какви што ги претставуваат Милошоски и Мухиќ.

Нерешеното прашање за границата на море во Пиранскиот залив ги оптоваруваше односите меѓу двете земји од почетокот на деведесеттите, кога се распаѓаше СФРЈ.

Кога Словенија блокираше 14 поглавја во преговорите на Хрватска со ЕУ владата во Загреб оцени дека словенечката влада нема да ја крене рампата и се согласи на арбитража. Новата хрватската премиерка Јадранка Косор есента 2009 година се согласи на ад хок арбитража, а не на вообичаените меѓународни правни механизми, бидејќи стана јасно дека тоа е условот на Словенија за деблокирање на поглавјата во пристапните преговори на Хрватска. Случајот се водеше во Судот за арбитража во Хаг, иако самата ЕУ посредуваше во склучувањето на договорот. Но ЕУ не беше дел од арбитражниот процес. Договорот за арбитража го потпишаа премиерите Борут Пахор и Јадранка Косор.

Хрватска се приклучи на Европската унија на 1 јули 2013 година.

Сепак, Хрватска излезе од арбитражниот процес кога во 2015 година пријателска разузнавачка служба ѝ достави на Хрватска аудио снимки со кои се докажува дека словенечкиот член на арбитражното тело Јернеј Секолец во најмалку два наврати се договорал со претставникот на словенечкото министерство за надворешни работи во тој процес, Симона Дреник, за текот на арбитражата. Според хрватската проценка, тоа и некои други материјали неповратно ја компромитирале арбитражната постапка.

Хрватска излезе од процедурата, Словенија ги смени компромитираните луѓе, арбитражниот суд продолжи со работата и во април 2017 година донесе одлука, со која, спротивно на ставот на Хрватска, Словенија доби коридор до меѓународните води во Пиранскиот Залив.

Хрватска најави дека нема да се придржува до арбитражните одлуки, а таа позиција ја задржува и денес. Овој став го потврди и хрватскиот Сабор, додека во Словенија Народното собрание ги задолжи словенечките извршни власти да не се откажуваат од арбитражата што беше одлучена во нивна корист. Така е и денес – едните ги признаваат одлуките од арбитражата во Хаг, а другите не.

Што би се случило ако во писмото за кое не знае дали ќе го напише, Мицкоски се повика на хрватско-словенечкиот случај? Дали Скопје ќе ги прифати решенијата од арбитражата во Хаг, ако тие се поповолни за Софија?

Едно писмо, многу дилеми за премиерот. Не само што би напишал, туку дали она што ќе го напише може да предизвика спротивен ефект. Се сеќаваме на неговото писмо до тогашниот помошник-државен секретар на САД, Вес Мичел, од октомври 2018 во кое велеше дека Преспанскиот договор „е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија“. Сега гледаме дека вели оти „Преспанскиот договор е реалност“, изјавува во Вашингтон дека тој е премиер на Северна Македонија; тој и неговите министри не го симнуваат од устите НАТО, како тие да ја внесле земјата во Алијансата; претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од говорницата на Генералното собрание на ОН рече „Мојата држава, Република Северна Македонија“.

Така што, изгледаат разбирливи дилемите на Христијан Мицкоски дали да испраќа писмо или не. Бидејќи изгледа му станало јасно дека нема што посебно да напише во него и дека многу веројатно дека оние на кои ќе им биде испорачано на маса само ќе фрлат бегол поглед врз хартијата и ќе ја тргнат настрана. Затоа што под едно друго „писмо“ – Преговарачката рамка – тие веќе го ставиле својот потпис. А таму има еден услов за Скопје да продолжи понатаму. Јадранка Косор многу добро го разбра тоа по само неколку месеци откако го наследи Иво Санадер и за помалку од четири години Хрватска стана членка на Европската унија. Овде многумина ги гледаат работите, ама не ги виѓаваат. Понекогаш намерно, а почесто од незнаење.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)