Писателите добивале и ќе добиваат поддршка, не станува збор за лична одмазда

Писатели, како Петар Андоновски, Гордана Михаилова Бошнакоска и Блаже Миневски, до сега добивале и ќе добиваат поддршка од Министерството на конкурсите за литература и издавачката дејност


Фото: Б. Грданоски

Писатели, како Петар Андоновски, Гордана Михаилова Бошнакоска и Блаже Миневски, до сега добивале и ќе добиваат поддршка од Министерството на конкурсите за литература и издавачката дејност. Комисијата оваа година одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг и не станува збор за лична одмазда, рече на денешниот брифинг министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по реакцијата на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во однос на нефинансирањето на некои автори и нивните најнови дела.

Костадиновска Стојчевска истакна дека Министерството одлучило оти делото на Петар Андоновски „Страв од варвари“ треба да биде преведено и на албански јазик и да се зголеми достапноста до поширок број на читатели. Таа потенцираше дека писателот Андоновски долги години е поддржуван од Министерството за култура, но Комисијата одлучила така како што одлучила.

– Оваа година Комисијата одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг проект. Оваа година имавме околу 1.200 проекти, а од она што сакав јас да видам што се е поддржано во програмата, станува збор за повеќејазични проекти, проекти од странски автори во превод на македонски јазик или на некој од јазиците од другите етнички заедници во земјава, како и разни други преводи или препеви, рече Костадиновска Стојчевска.

Во однос на реакцијата на фолкористот Марко Китевски за недобивање поддршка за издание на одбрани патриотски песни, министерката рече дека оваа година имаме многу голем јубилеј -120 години Илинден и тој е поддржан и со изданија и со многу други проекти.

– Доколку овој ракопис Комисијата одлучила да не го поддржи, не значи дека 120 години Илинден ние ќе го пропуштиме. Напротив, ќе го одбележиме како што доликува, додаде министерката.