Писател со претседател: Објавена книгата „Разговори со Т. Г. Масарик“ од Карел Чапек


Книгоиздателството ВиГ ЗЕНИЦА ја објави книгата „Разговори со Т. Г. Масарик“ од Карел Чапек.

Прославениот чешки писател со првиот претседател на Република Чехословачка разговарал безмалку десет години. Почнале да разговараат во 1926-та, првиот том од „Разговорите“ е објавен во 1928, вториот во 1931, третиот во 1935 година. Овие средби – „потпрашувања, размислувања, сеќавања, раскажувања и – молчења“ меѓу двете исклучителни личности во тогашното чешко/словачко општество резултираат со книга која и натаму, веќе деведесет години, го бранува љубопитството на светските читатели, а меѓу чешките тоа воопшто не е спласнато.

Мајсторската рака на Чапек создала комплетен портрет на Масарик – од неговото најрано детство до годините кога е прв човек на државата на Чесите и Словаците, формирана во 1918 година.Масарик дипломирал филозофија во Виена, во 1982 година станал професор на новоформираниот Прашки универзитет, напишал повеќе филозофско-социолошки книги… Во 1915 година емигрира во Западна Европа од каде организирано работи на ослободување на Чешка, Моравија и Словачка од Австро-Унгарија и на формирање сопствена држава.

 Книгата од чешки на македонски јазик ја преведе Габриела Деребаноска.