Пијан маж украл градски автобус во Хелсинки, качил патник и возел 10 минути без да направи судир

Пијан маж, искористувајќи го излегувањето на возачот и неговото невнимание, во неделата украл градски автобус во Хелсинки, се упатил кон центарот на градот, го возел десетина минути и по пат качил и патник.
Полицијата била фрапирана кога добила дојава во неделата наутро дека е украден градски автобус. Полициска патрола го забележала автобусот кога преминувал еден мост. Му сигнализирале да застане, но тој продолжил кон центарот. Сопрен е малку подоцна, а кога полицајците влегле да го приведат киднаперот, во автобусот затекнале двајца патници – едниот бил во автобусот кога бил киднапиран, а вториот се качил по пат.
„Гордо се фалеше дека во возењето не направил ниту една грешка. Рече дека одлуката да го киднапира автобусот била импулсивна, му дошла во мигот“, вели инспекторот Мико Минкинен.
Киднаперот сега го товарат за кривично дело возење под дејство на алкохол, загрозување на безбедноста на сообраќајот и управување со возило без дозвола.