Петков демантира дека Радев му ги врзал рацете околу спорот


Бугарскиот премиер Кирил Петков, во интервју за „360 степени“, одрекува дека со заклучоците од неодамна одржаниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, претседателот Румен Радев, всушност, му ги врзал рацете и го спласнал ентузијазмот на Петков за нов пристап во дијалогот со Република Северна Македонија.

„Не, напротив. Тоа што се случи на Консултативниот совет е дека сите партии и претседателот Радев се обединивме околу тој нов пристап. Всушност, ја потврдивме постоечката позиција на Бугарија, но и истовремено зададовме тон за наредните чекори што треба да се случат. Така што, од таа гледна точка, таа општа платформа овозможи да ми се даде јасен и конкретен мандат за наредните чекори што треба заедно да ги преземеме, зашто во Консултативниот совет учествуваа сите парламентарни партии“, вели Петков.

Прашан кој ќе ја има „палката“ во дијалогот со Скопје – дали тој или претседателот Радев, бугарскиот премиер одговара:

„Всушност, тука нема палки. Имаме јасен план за дејствување и она од што навистина ќе зависи колку добро и колку брзо работите ќе се придвижуваат ќе биде на база на реално постигнатите резултати.“

Петков веќе денес му го честиташе на Димитар Ковачевски стапувањето на должноста премиер  и и посака успех на новата влада во Скопје.

„Очекувам да работиме заедно на нов конструктивен дијалог и разбирање во интерес на нашите билатерални односи, чиј развој е од голема полза за граѓаните на Бугарија и Република Северна Македонија“, напиша бугарскиот премиер на официјалната Фејсбук страница на Владата на Бугарија.

Бугарскиот премиер истакна дека ставот на Бугарија за европската перспектива на нејзиниот близок сосед Република Северна Македонија е конзистентен и јасен. Според Петков, добрососедството може да донесе сериозни придобивки не само за двете земји, туку и за целиот регион.

Кирил Петков и владина делегација предводена од него утре, 18 јануари 2022 година, ќе го посетат Скопје.