Петките треба да бидат тестирани


Вероника Мароска-Леова

Успехот, односно сите петки на полуматурантите и уписот во средно училиште повторно го исфрлија на виделина прашањето – дали оценките што ги добиваат учениците се реални? Станува ли збор за толку заслужени петки или наставниците ги ставаат доколку се замолени од родители, колеги, а можеби и од повисоки инстанции. Можно ли е во државава да имаме толку ученици со сите петки по сите предмети во основно, а токму на меѓународните тестирања, како што е она на ПИСА, со кое се опфатени токму учениците на 15-годишна возраст, да постигнуваат слаби резултати. Факт што практично го негира успехот, оценките што ги добиваат учениците од наставниците.

Прашање е како може одлични ученици со сите петки на меѓународни тестирања да не прикажат ни приближно такво знаење, а со резултатите земјава да се најде меѓу последните на листата. Во пракса, тестовите во нашиот образовен систем при оценувањето се бодуваат и од тоа зависат и оценките. Тоа го отвора прашањето дали треба ли да се смени начинот на бодување и границата да се стигне до петка.

Токму петките минатата недела при првото пријавување за упис во средно направија проблем. Се пријавија повеќе кандидати со ист број бодови. За гимназијата „Орце Николов“, ама и за медицинското „Панче Караѓозов“ во Скопје и средното „Димитар Влахов“ во Струмица беше борба. Под притисокот на родителите и деветтоодделенците, попуштија институциите, желбата да продолжат да учат во училиштето кое го избрале, континуираниот одличен успех, бодовите што ги стекнале и поведението се зедоа предвид, за разлика од поставените критериуми во конкурсот. Министерството за образование и наука им овозможи да бидат запишани каде што конкурирале, да бидат распределени во постоечките паралелки или во една како во „Влахов“ да учат повеќе од предвидениот број ученици. Освен што се запишаа, ќарија и не полагаа квалификациско тестирање.

„Оваа година се соочивме со оваа ситуација, не станува збор за голема бројка ученици. Имајќи ги предвид сите околности и малиот број ученици, одлучивме да не остане ниедно дете на улица и да ги запишеме во училиштето во кое сакаат. Ова нема да влијае на нашата определба за поголема промоција и поддршка на средното стручно образование“, рече министерот Арбер Адеми.

Може 30 отсто од учениците навистина се одлични и нивните оценки одговараат на нивните знаења, меѓутоа претпоставка е дека одреден процент се подарени.

Што да прават учениците, кои се исто така се одлични, ама со неколку четворки, што можеби нивниот успех е и пореален од оние со сите петки, а останаа незапишани во гимназиите каде што сакаа да учат. Па зошто не заслужуваат и тие да учат каде што сакаат.

Треба ли ваквата пракса да се повторува и понатаму да се распределуваат учениците колку само да бидат примени во постоечките паралелки или како што беше минатите години да се отвораат плус паралелки. Министерот посочи дека ова не смее да се повтори во следните години.

Она што е повеќе од очигледно е дека системот на оценување бара целосна реформа за да се знае како се добива одредена оценка. Наставниците еднаш за секогаш да сфатат дека нема врски од родители, колеги за повисоки инстанции, туку децата да бидат оценети колку што знаат. Никој не спори дека не треба да има одлични ученици со сите петки кои тие ги заслужиле. Ама, реално, тоа се 10 до 20 отсто во генерација.

Иако имаше можност државата да го провери знаењето на учениците и колку реално оценуваат наставниците преку екстерното тестирање, тоа наместо да донесе придобивки како да се подобри образовниот систем на крај излезе чиста формалност. Учениците ги знаеја прашањата пред тестирањето и никој тоа не го сфати сериозно. Затоа е добро да се земе пример Словенија, каде што не им е важно името и презимето на ученикот, ами она до кој степен е знаењето на ученикот. Затоа повеќе од неопходно е итно државата да го примени веќе најавеното национално тестирање, да се види до каде е образовниот систем, колку е квалитетен и колку се реални оценките. Оти во развиените земји ниеден родител не поправа оценка на дете туку знаењето, а нашите ученици се назад. Џабе петките кои не се потврдуваат на меѓународните тестирања. Затоа сме толку назад. Резултатите се доказ и прашањето е каде се тие одлични ученици. Квалитетни резултати доаѓаат од квалитетна настава. Ќе остане ли домашното образование и натаму добро само на хартија?

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) на презентацијата на извештајот за состојбите во основното и средното образование подвлече дека иако сè повеќе деца се вклучени во образовниот процес во земјава од претходно, зголеменото присуство на учениците не се одразува на резултатите од учењето. Просечните резултати кај учениците на меѓународните тестирања стагнираат последнава деценија и се меѓу најниските во регионот. Дури повеќе од 50 отсто од учениците во основните и средните училишта не ги развиваат основните компетенции што им се потребни за успешност и напредување понатаму во животот по завршувањето на образованието.