Петар Богојески се жали дека врз него имало јавен линч

Сагата околу именувањето на лидерот на македонски концепт, Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус“ продолжува. Богојески, кој социјалните мрежи ги користеше за етнички, националистички, мизогонистички и други напади против оние што не се согласуваат со неговите ставови, сега вели дека против него преку реакциите се спроведувал јавен линч – од невладини организации, новинари и други лица.
Во соопштението до медиумите Богојески вели дека ќе почнел правна постапка пред надлежните институции против правни и физички лица, меѓу кои се и одредени политички партии, нивни функционери, невладини организации, самонаречени новинари и поединци поврзани со власта на ДУИ и СДСМ.
„Овие субјекти се инволвирани во креирање и ширење на лажни информации и материјали, лажни профили на социјални мрежи со украден личен идентитет, лични навреди, дисквалификации, говор на омраза, омаловажување и клевети.
Нивното делување има за цел создавање на атмосфера на јавен линч и поттикнување закани, со што директно се загрозени мојот личен и физички интегритет, но за жал и на моето семејство. Вво претходните неколку денови беа креирани серија на лажни профили со мој идентитет, на сите можни социјални мрежи, за што јас навремено, јавно информирав. Нивната намена беше да фабрикуваат, а во текот на последните два дена масовно да споделуваат фалсификувани и креирани, не од мене ставови, статуси и коментари на социјалните мрежи“, вели Богојески.