Филипче: Од нула денари до пет милиони евра, Мицкоски ги лаже граѓаните во очи
Мицкоски рече дека граѓаните за прославата не потрошиле ниту денар. Веќе следниот ден, кога ги извадивме документите, стана јасно дека била донесена одлука да се потрошат 5,5 милиони евра народни пари, на нетранспарентен начин и со прекршување на Законот за јавни набавки. Мицкоски ги лаже граѓаните во очи, дојде на власт со лаги и продолжува да владее со лаги, истакна вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Филипче обвини дека власта сè уште ги крие договорите, анексите и компаниите со кои Државната лотарија склучувала договори.
-Не станува збор само за една фирма. Ќе излезат на виделина и други работи. Има повеќе фирми со кои Лотарија потпишала договори. За само еден ден, од изјавата дека не се потрошил ниту денар, стигнавме до нетранспарентно потрошени 5,5 милиони евра. Премиерот ги лаже граѓаните во очи, нагласи Филипче.
Потенцираше и дека парите на Државната лотарија се државни и народни пари, без оглед на обидите на власта технички да манипулира дека тие не биле исплатени директно од Буџетот.
Според Филипче, случајот со прославата е само уште еден пример за начинот на кој функционира власта.
-Народните пари завршуваат кај мал број компании блиски до ВМРО-ОКГ. Ова веќе го надминува концептот на политичка борба. Ова е пљачка на државата. Мицкоски дојде на власт со лаги и продолжува да владее со лаги. Прашањето е: зарем некој сè уште му верува?, порача Филипче.
Тој нагласи дека ова не е прва лага на Мицкоски, туку продолжение на политиката со која дојде на власт.
-Мицкоски дојде на власт со лаги. Лажеше дека ќе го врати името и дека ќе го поништи Преспанскиот договор. Лажеше дека ќе обезбеди подобра преговарачка рамка и подобра позиција со Европа. Лажеше дека протоколите не се дел од преговорите, па потоа призна дека се дел од преговарачката рамка. Лажеше и дека идентитетот е загрозен, а се потврди дека македонскиот идентитет е заштитен со Преспанскиот договор. Зарем некој сè уште му верува на таков човек?, рече претседателот на СДСМ.
Се осврна и на проблемот со откупот на грозјето кој, како што потенцира, ќе беше решен со 5,5 милиони евра.
-Власта потроши 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, во услови кога лозарите се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето. Зошто не се потрошија 5,5 милиони евра за земјоделците? Целиот проблем со откупот, сега на грозјето, ќе беше решен со 5,5 милиони евра, а сега скапува грозјето по насадите. Откупувачите не го откупуваат грозјето и Владата нема мерка и никако не реагира, рече Филипче.
Во интервјуто, тој оцени дека состојбата во земјоделството е дел од пошироката криза во која се наоѓа државата.
-Финансиската и економска криза во која што се наоѓаме, прекумерното задолжување, како никогаш досега од независноста, скоро 12 милијарди евра, а Владата на ВМРО наследи 8 милијарди евра долг, нискиот стандард и осиромашувањето на граѓаните, проблемите и катастрофата што се случува во секој сектор, во земјоделството, во образованието и здравството, сметам дека е еден така критичен период да треба да посветиме многу внимание и да зборуваме многу внимателно, затоа што можно е државата целосно да тргне во правец во којшто не сме се движеле од ’91-ва година наваму, рече Филипче.