Стојков: Не ни фалат никакви документи, бугарските судови постојано измислуваат нови барања за регистрација!
Не се вистинити тврдењата дека нам постојано ни недостигаат некои документи потребни за судска регистрација, бидејќи секогаш доставуваме комплетни документи. Проблем е што надлежните бугарски органи постојано измислуваат дека се потребни нови и нови, реагира Стојко Стојков, копретседател на организацијата на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ – Пирин
Тој реагира на изјавата на актуелната бугарска претседателка, Илијана Јотова, која изјави дека проблемот со нерегистрирањето на оваа македонска организација во Бугарија е во тоа што таа доставува некомплетни документи. Јотова се сретнала со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, при што станало збор и за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на Обединетата македонска организација „Илинден“.
– Втората тема беше, се разбира, за движењето на досието ОМО „Илинден“ и многу се надеваме дека на една од наредните седници ќе заврши таа сага. Се разбира, го потцртав бугарскиот став за да чуе тој (Берсе) од прва рака дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент. Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација за да можат да се регистрираат таму. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ – изјави Јотова пред новинарите во Стразбур.
Но, за копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојков, ваквото тврдење не одговара на состојбата.
– Тоа е комплетна невистина. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни. Целите се различни. И кога ќе поднесеме ние документи, наеднаш судот наоѓа десетици проблеми што не ги видел порано. Судовите на секое ниво даваат различни забелешки. Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови – наведува Стојков.
На нашето прашање дали, по изјавата на Јотова, може да се очекува на оваа организација на Македонците во Бугарија јасно и, конечно, да ѝ се каже кои документи недостигаат, Стојков е скептик.
– Проблем е што нема такво нешто, сето го исполнуваме, но тие само си измислуваат. Треба да запрат да го нарушуваат законот и да нè регистрираат – потенцира Стојков.
Бугарија да се повикува на човековите права и да бара уставни измени од Македонија, додека самата игнорира 14 пресуди од Стразбур, кои ѝ стојат „на биро“ и претставуваат меѓународна обврска на Софија утврдена од Стразбур.