Бугарија направила законски измени за регистрација на ОМО „“Илинден“ – но секогаш им фалел некој документ


Бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во Стразбур изјави дека очекува надзорот над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со ОМО „Илинден Пирин“ конечно да биде завршен на следната седница.

Според Јотова, Бугарија досега ги исполнила сите упатени препораки од меѓународните тела и во координација со Агенцијата за впишување направила законски измени за да се овозможи регистрација на организацијата, но додаде дека од нивна страна секогаш изостанува некаков документ при аплицирањето.

– Оваа тема исклучително многу се користи против Бугарија, се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија. Ние го негираме тоа, прво, зошто нема билатерален спор, тие, едноставно, не ја почитуваат политиката на Францускиот компромис што беше постигнат. Од друга страна, треба да ни биде јасно дека овие тековни досиеја треба да бидат завршени, зошто тоа не е добро за сликата на земјата, заклучи Јотова.

Советот на Европа е надлежен за надзор на спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур. ОМО “Илинден Пирин“ е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна, најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права против неа и редовен победник во споровите.

Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди,  Бугарија ги спреведе до денеска, а ни останатите пет што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од страна на бугарските власти.

 

Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати побара јасни гаранции од Европскиот совет дека нема проблем со македонскиот идентитет, јазик и култура, како и Бугарија да ги спроведе пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за правата на Македонците.