Четворица јавачи на апокалипсата: Тоа била делегацијата на Мицкоски во САД, според Филипче


Делегацијата на премиерот во САД. Втор од десно е амбасадорот во Вашингтон, Зоран Попов

 

Делегацијата на Мицкоски која престојува во САД е составена од четворицата јавачи на апокалипсата за Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

„Тие четворица луѓе кои се во делегацијата се јавачите на апокалипсата за Македонија. Да не се чудат ако таму добијат црвен картон. Тие носат само лошо – поради нив нема развој, поради нив цвета корупцијата и поради нив Македонија е слепо црево на Европа“, рече Филипче.

Тој истакна дека стратешките партнери на Македонија многу добро знаат што се случува во земјата и дека власта не може со посети и декларативни изјави да ја сокрие реалноста.

Владата ја оддалечува Македонија од нејзините стратешки сојузници, ја блокира европската иднина и го отвора просторот за засилено руско, кинеско, српско и унгарско влијание.

Филипче посочи дека сигналите од САД веќе се јасни и дека за првпат од воспоставувањето на дипломатските односи се намалува сегмент од американската помош за Македонија наменет за воена поддршка.

Тој додаде дека има сомнежи оти провизијата за унгарскиот кредит од една милијарда евра достигнува 100 милиони евра. Филипче посочи дека истрагата за кредитот во Унгарија, според него, е поврзана со промената на власта таму.

„Дали ќе се отвореше истрага во Будимпешта да не се сменеше власта за унгарскиот, односно кредит од кинески пари во Унгарија. Знаете колку се потрошени и реализирани на проекти за општините што ги спомнувате? 60 милиони евра. Беа најавени 250. Каде се другите 190? Каде се другите 250 за фирмите“, рече Филипче.