Пет милиони евра за санација на штетите од пожарот во близина на Солун
За санација на штетите на инфраструктурата во поширокиот регион на Солун предизвикани од пожарот што избувна во саботата во солунското предградие Ореокастро, ќе бидат обезбедени пет милиони евра, соопшти заменик – министерот за цивилна заштита и климатска криза на Грција Костас Кацафадос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во општина Ореокастро беше одржан проширен координативен состанок со учество на локалните власти со цел да се утврди временската рамка за обесштетување на граѓани кои претрпеа штета, за санација на штетите и обновување на инфраструктурата во погодените подрачја, во кои веќе е прогласена вонредна состојба.
Кацафадос информираше дека граѓаните чии домови претрпеле штети веднаш ќе ја добијат првата финансиска помош по завршувањето на увидите што ги спроведува Генералниот секретаријат за обнова по природни катастрофи, додека пак за погодените компании, во соработка со периферијата, веднаш започнуваат потребните увиди за да се активира постапката за обесштетување.

Посочи дека државната помош ќе покрие 70 отсто од проценетата штета на имотот на компаниите, согласно важечката законска рамка.
– Наш приоритет е итната поддршка на погодените и брзата санација на штетите. Утврдивме конкретни процедури и јасни рокови за без доцнење да започнат сите предвидени постапки за обесштетување и обнова. Ниту еден наш сограѓанин нема да остане без помош, посочи заменик-министерот.
Дополнително, ги посети погодените подрачја на двете општини, каде што од надлежните служби беше информиран за текот на пожарот, обемот на штетите и истрагата за причините за неговото избувнување.
Големиот пожар во солунското предградие Ореокастро избувна во саботата вечерта, во неделата наутро беше ставен под контрола, а изгореа бизниси, фабрики и домови и беа евакуирани две села како и Установата за лица со хронични заболувања, доддека пак за предизвикувањето на пожарот беше уапсен е 76-годишен маж.