Во Грција 45 нови случаи на западнонилска треска
Во изминатата седмица во Грција биле регистрирани 45 нови случаи на вирусот Западен Нил, со што бројот на заразени од почетокот на летото се зголеми на 110. Регистрирани се и три нови смртни случаи, според податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).
Од вкупно 110 заразени, 81 пациент се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа). Од заразените, 35 се хоспитализирани, 61 пациент бил пуштен од болница, а за петмина заразени не била потребна хоспитализација.
Лани во Грција беа регистрирани 96 случаи, а починаа девет лица.
Македонското Министерство за здравство вчера (12 август) прогласи епидемија од западнонилска треска во неколку скопски општини и населби: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, и Јурумлери.
Според Министерството, во Македонија од почетокот на годината има 24 потврдени пациенти заболени од западнонилска треска, а двајца се суспектни. Дваесет се хоспитализирани на Инфективната клиника, од кои пет се во тешка состојба. Најголем дел од заболените се пензионери.
До сега, има еден починат пациент, на 83-годишна возраст, кој, според здравствените власти, имал повеќе коморбидитети. Пет пациенти кои се примени на Инфективната клиника се во критична состојба и се на механичка вентилација.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај поголемиот дел од заразените инфекцијата може да помине без симптоми или со полесна клиничка слика, но кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет постои поголем ризик од тешки невролошки компликации.
Здравствените власти препорачуваат поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, користење средства против комарци и избегнување престој на отворено во периодот околу зајдисонце и во раните утрински часови. Препорачливо е и носење облека со долги ракави и ногавици кога се престојува на места со зголемено присуство на комарци.
При појава на висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест, конфузија или слабост на екстремитетите, ИЈЗ посочува дека е потребна итна медицинска проценка поради можност за невролошки компликации.