Големи пожари во Албанија, претседателот Бегај апелира на солидарност и одговорност од сите
Повеќе од сериозна е состојбата со пожарите во Албанија, посебно во предградието на Тирана, потоа кај Круја и Националниот парк “Лура”, кои се вон контрола.
Пламените јазици од планинската падина се проширија кон Лундра во Тирана приближувајќи се кон домовите и хеликоптерската база во Фарка. Поради неможноста да се интервенира од воздух, во текот на ноќта, ангажирани се оперативни сили за спречување на понатамошното ширење на пожарот.
-Сериозна, ситуацијата е и во Круја, каде гори неколку дена и Националниот парк “Лура” каде пожарот беснее два дена. Силниот ветер и непристапниот планински терен го олеснуваат ширењето на пламенот и им отежнуваат на силите на терен да интервенираат, изјави доцна синоќа, министерот за одбрана Ермал Нуфи.
Не ја отфрли можноста и за евакуација на населението во овие делови.
-Ситуацијата во Круја е една од најопасните ситуации што сме ги имале во последните 4 години. Сериозна е состојбата и во Фиер и Мирдита а пожар се појави и во Вау и Дејас кој се движи кон Коман ( каде се истоимените хидроелектрани). Тука помагаат противпожарни екипи од неколку соседни градови, рече Нуфи.
Според него ова лето се поподготвени од кога било во справувањето со цивилни вонредни состојби.

-Во активна состојба се 5 хеликоптери на вооружените сили, како два авиони „Ер Трактор“. На терен се ангажирани над 750 оперативни сили кои се соочуваат со пожарите, има 75 возила, 30 се од вооружените сили, рече Нуфи.
Упати апел до граѓаните да бидат посвесни, потсетувајќи ги дека предизвикувањето пожар е сериозно кривично дело и се казнува со затвор до 15 години.
Реагираше и претседателот, Бајрам Бегај, изразувајќи благодарност до пожарникарите, припадниците на вооружените сили и сите вклучени на терен, при тоа високо оценувајќи ја нивната посветеност во соочувањето со пламените јазици во услови на високи температури.
Претседателот ги повика граѓаните да бидат внимателни, да ги почитуваат упатствата на властите и да избегнуваат дејствија што би можеле да го загрозат животот и имотот.
„Денес, на Албанија ѝ е потребна солидарност и одговорност од сите“, напиша тој на Фејсбук.
Побара строго спроведување на законот за оние што предизвикуваат пожари наведувајќи „најостро да бидат казнети оние што запалија делови од земјата”.