Пешачките премини избледени – повеќето општини не објавиле тендер за обновување
Најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, кое ги анализирало општинските тендери за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година покажало дека безбедноста на пешаците во многу општини е доведена во прашање поради недоволното и нередовно обележување на пешачките премини.
Според резултатите, над половина од општините во државата – вкупно 46 од 81 – немаат објавено ниту еден тендер за обележување пешачки премини во електронскиот систем за јавни набавки во изминатите три години.
Дополнително, кај голем број општини недостигаат јасно дефинирани технички стандарди за материјалите што се користат. Наместо детални спецификации за квалитетот и трајноста, во документацијата често е наведено само „боја за патишта“, без мерливи критериуми врз основа на кои би се оценувал квалитетот на набавката.
Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека во вакви услови е тешко да се утврди колку долго ќе трае хоризонталната сигнализација, што остава простор јавните средства да не го дадат очекуваниот ефект.