Персоналот на УСАИД доби уште една наредба: Да се исецка и запали документацијата


Откако Стејт департментот објави дека повеќе од 80 отсто од програмите на УСАИД трајно се затвораат, персоналот на организацијата доби нови наредби.

Имено, вршителот на должноста извршен секретар Ерика И. Кар испрати мејл во кој се заблагодарува на персоналот за отстранувањето на доверливите сефови и персоналната документација од канцеларијата во Вашингтон.

Таа, исто така, им рекла да се сретнат во дворот на зградата на еднодневен настан каде што требало да запалат документи.

„Прво, исецкајте колку што е можно повеќе документи и резервирајте кеси за согорување во периодот кога се достапни апарати за уништување хартија“, се вели во е-поштата.

Вообичаено, документите сместени во кеси за согорување за отстранување се запечатени и потоа се носат на безбедно место за согорување.

Во е-поштата, исто така, се наведува дека персоналот треба да напише „SECRET“ и „USAID (B/IO), што значи Биро или Независна канцеларија, на торбите.

Американскиот државен секретар Марко Рубио пред два дена на својот профил на социјалните мрежи Х потврди дека 83 отсто од договорите на УСАИД, американската агенција за странска помош, се официјално откажани.

„По шестнеделен преглед, 83 отсто од програмите на УСАИД се откажани. Овие 5.200 договори кои сега се откажани потрошија милијарди долари на начини кои не беа во согласност, а понекогаш дури и контрадикторни со националните интереси на САД“, рече Рубио.