Пензионер од Битола земал дневници и патувал во странство со директорка со службено возило, утврди ОЈО Битола
Пензионерот Менде Петровски, поранешен вработен во Средношколскиот дом во Битола, земал службени дневници, користел службен телефон и патувал во земјата и странство со службеното возило на ученичкиот домот, со тогашната директорка Елена Спасеновска, утврди обвинителството во Битола. Против Спасеновска ОЈО Битола вчера покрена обвинение.
Обвинението се однесува за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување исправа, како и две кривични дела предвидени во Законот за трансформација во редовен работен однос.
Случајот со злоупотребите во Средношколскиот дом во Битола го отвори „Независен“ по новинарско истражување кое се однесуваше за патувањата на директорката и пензионерот со службеното возило, во февруари 2024 година, за дејствија сторени во 2023 година, по што ОЈО Битола отвори истрага уште ланската година, а обвинение поднесе вчера.
Првично кога „Независен“ се јави кај пензионерот Менде Петровски тој негираше дека со директорката патувале во странство со службеното возило за службени цели, а потоа самиот наведе дека патувале во странство, но со приватни автомобили.
Сега во обвинението покренато против екс-директорката Елена Спасеновска се потврдува дека пензионерот Менде Петровски, инаку правник по професија, по пензионирањето, иако спротивно на законот, патувал со службеното возило „голф“ сопстевност на Ученичкиот дом, и по пензионирањето го задржал службениот телефон, а сметките ги плаќала установата, со што предизвикале штета од околу 2.300 евра.
„Со продолжените злоупотреби на службената положба во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата, на еден работник му овозможила неоснована исплата на надоместок за неискористен дел од годишен одмор, а по неговото пензионирање му исплаќала дневници и трошоци за наводни службени патувања и му овозможила да продолжи да го користи службениот телефонски број, со што на Ученичкиот дом му предизвикала вкупна штета од околу 140 илјади денари“, стои во соопштението на ОЈО Битола.
Екс-директорката Спасеновска за „Независен“ тврдеше дека патувала во странство, но се било законски. Сепак Спасеновска во одговорот не објасни која била потребата од присуството на пензионерот на сите овие службени патувања?
Екс-директорката Спасеновска за пишувањата на новинарката Анета Блажевска во „Независен“, кои сега стојат во обвинението на ОЈО Битола, поднесе тужба до новинарката, а судијата од Основниот суд во Битола, ја осуди новинарката за клевета и одреди штета од околу 2.000 евра, иако укажа на злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола.
Судијата сметаше дека „не е од значење за поинакво одлучување“ што невработен во Домот го вози службениот автомобил во странски држави. (А.Б.)