Пендаровски: Утре е нов ден, очекувам поголема излезност на 8 мај
Кандидатот за претседател од СДСМ Стево Пендаровски кој на овие избори бара доверба за втор претседателски мандат во обраќање вечерва порача дека се надева на поголем одзив од гласачите во вториот круг кој ќе се одржи на 8 мај.
– Од утре е нов ден. Веќе од утре почнуваме со средби со граѓани кои ги практикуваме и досега. Тргнуваме практично од нула да го промовираме нашиот концепт, порача тој вечерва од изборниот штаб на СДСМ.
– Ги охрабрувам граѓаните да излезат. Очекувам уште поголем одзив и позначаен број на граѓани да го препознаат концептот кој го промовирам, демократска, просперитетна држава, европско-интергирана држава.
Порача дека нема да прави договор со никој за механичко префрлање на гласовите, како што не го правел тоа ни досега.
– Нема да правам договор со никој, за така наречено механичко префрлање на гласовите, никогаш не сум го правел тоа, ниту ќе го правам – вели Пендаровски.
Најави дека неговата задача ќе биде како и во изминатите 20 дена да го промовира концептот во кој верува.
На прашањето дека сепак истакнувал дека ќе победи, тој одговори дека верувал во концептот и во партиска поддршка, забележувајќи дека кондицијата не ѝ е иста како пред 5 години.
„Сепак, верувам во консолидација на партијата и верувам дека ѝ додадов доолнителна вредност“, рече на крајот Пендаровски.