Пендаровски: Северна Македонија треба да има една изборна единица, наместо шест


Амнестијата на дел од обвинетите за случувањата од 27 април во Собранието, е направена поради перспективите, од политичка смисла, за државата што се отвараат во насока на реализација на стратешките цели, истакна денеска кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со инцијативата „На мегдан“.

– Промената на Уставот што требаше да произлезе од Преспанскиот договор за новото име да важи и во внатрешниот правен поредок бараше две третини, во тој момент ние се соочивме со барањето на две добра. Чиста правда и отворање на евроатлантските врати. Кога ја видов содржината на законот за амнестија, ми олесна. Мислам дека кога ќе го ставите на страна фактот дали да му дадеме 15 години робија на Крсто Муковски кој отварал врата во Собранието, а демонстрантите секако ќе влезеа и да не беше тоа отворање на врата. Од друга страна имате потреба да направите две третини за да го промените Уставот, со што дефинитивно на сите нас и сегашни и идни генерации ни се отвараат вратите на развиениот свет, за мене беше јасно како човек кој беше еден од нападнатите дека е подобро тоа да го направиме отколку да одиме со неселективно казнување и на луѓе кои не употребиле насилство ниту имале намера да организираат употреба на насилство, истакна Пендаровски.

Во однос на тоа дали е задоволен од нивото на демократичност во земјата, Пендаровски посочи дека еден од најголемите проблеми на македонската демократија од 90 до денес е немањето на внатрешна партиска демократија.

– Мислам дека е нужно да го смениме изборниот модел и Северна Македонија да има една изборна единица наместо шест, по можност без праг или со минимален праг. Мојата теза е дека ако има повеќе политички субјекти во Парламентот демократијата може само да добие не може да изгуби, истакна претседателскиот кандидат.

На прашењето зошто никој од судиите и обвинителите не сносат одговорност за молчењето за време на режимот, Пендаровски рече оти и тој го поставува истото прашање и оти од клучните политичари добива одговор дека „повеќе нема мешање во судството“.

Кандидатот за преседател на коалицијата на власт рече дека како иден претседател нема да потпише закони за кои нема да има јавна расправа посебно во однос на сферата од Урбанизмот и просторното планирање.