Пендаровски: Претседател не може да биде некој што не разликува врховен командант од началник на Генералштаб


Претседателот и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски на денешниот централен митинг со СДСМ и Коалицијата за европска иднина жестоко ја нападна противкандидатката Гордана Силјановска Давкова, додека другите ривали не ги ни спомена. Според Пендаровски претседател на држава не може да биде некој што не разлокува врховен командант од началник на Генералштаб, тврдејќи дека  ВМРО-ДПМНЕ што ја поддржува остабал расадник на транзициски профитери а дека нејзините ставови околу членството во НАТО и Преговарачката рамка за ЕУ доживеале невидена трансформација откако влезе во трката.  

„ВМРО-ДПМНЕ беше и остана расадник на транзициони профитери, кои денес поддржуваат ветинг на политичарите само во последните 5 години затоа што мислат дека народот не памети како во времето на транзицијата некои од нив несразмерно го зголемија својот имот и станаа милионери. Нивниот кандидат за претседател ниту еднаш не се појави сам пред граѓаните да ги објасни своите ставови затоа што на митинзите наместо неа зборуваше претседателот на партијата кој , по повлекувањето на граѓанските потписи, уште еднаш потврди дека предложиле лојален партиски послушник а не граѓански кандидат за највисоката функција“, рече  претседателот Стево Пендаровски на големиот сенароден митинг на СДСМ и  Коалицијата за европска иднина.

Тој  на обвинувањата од страна на Силјановска дека учествувал во корупција реплицираше со оценката дека станува збор за пародија.

„Кандидат кој до пред некој ден ја немаше објавено својата изборна програма. Човек кој не сакаше да учествува на дебати со сите седум кандидати затоа што правеше селекција според лични критериуми, кој  е достоен да дебатира со неа. Најголема пародија е што за загрозени права и слободи на граѓаните и за хибриден режим ламентира кандидатката чиј сопруг остави стотици семејства без работа и приходи по пропаѓањето на имотите и фирмите што ги купи со заработени пари од кршењето на санкциите. Или обвинувањата, без ниту еден приложен доказ дека јас сум бил соучесник во корупција и криминал а тие со кршењето на санкциите на ОН со сопругот станаа мултимилионери“, заклучи Пендаровски.

За флип-флоп ставовите на ВМРО-ДПМНЕ , во зависност од тоа што е коњуктурно во моментот, тој посочи и на „сведок“ од нивна сестринска партија од Европа.

„ВМРО-ДПМНЕ сакаат да заборавиме дека во септември минатата година ни се случи потпишувањето на договорот со Фронтекс, европската агенција за чување на границите на шенген зоната кој го потпишавме на македонски јазик. Нивниот таканаречен предлог за деблокада на нашиот европски пат кој им го подметнуваат на сопствените граѓани и држава како ново решение е дека сакаат да ја преговараат преговарачката рамка со Унијата иако буквално сите претставници на Унијата им рекоа дека тоа е завршена работа. Пред странските дипломати изразуваат формална подготвеност за деблокада. Висок претставник од нивната сестринска партија од Германија, по разговорите со нив рече дека е убеден дека ќе гласаат за уставните промени“, порача  претседателот  Пендаровски.

Тој додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму секој ден повторуваат дека уставни промени нема да има под бугарски диктат.

„Малкумина од нас се изненадени од таквото нивно однесување, затоа што тој манир на однесување е одлика на таа политичка партија години наназад. Токму затоа нивниот претседател од европскиот парламент уште во 2020 година беше дефиниран како извор на лажни вести и дезинформации. Пред секои избори како по правило бараат 61 пратеник за наводно да не биле условувани од Албанците, а пред некој ден повикаа на формирање на семакедонски патриотски фронт исто како во времето на режимот, не водејќи сметка дека етничката хомогенизација во мултиетничка држава како нашата е рецепт за дестабилизација“, потенцираше Пендаровски.

Тој нагласи дека најнова идеја промовирана во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија досега се нема произнесено зошто ни е потребен.

„За последните измени на кривичниот законик обвинува пратеничката која, заедно со своите колеги ,направи кворум при гласањето во парламентот и со кои на најмалку четири пати повеќе пратеници и функционери на партијата што ја предлага им беше намален рокот за застареност на делата отколку на сите партии заедно во владеачката коалција. Поради сето тоа зад нејзината кандидатура стои никој друг туку првата политичка партија во нашата историја која беше предмет на истраги од СЈО поради незаконско финансирање и рекетирање на фирми кои добивале државни тендери, поради што со години им беше блокирана жиро сметката.Најнова идеја промовирана во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија досега се нема произнесено зошто ни е потребен“, рече  Пендаровски.

Тој додаде дека политичката гарнитура на власт и овој претседател од СДСМ никогаш не давале лажни надежи за брза реализација на стратешките цели на државата.

„И денес не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиена држава во Европа,  не верувам дека целиот тој процес ќе трае неколку месеци, но говорам и повторувам дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние на кои претходно видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, потенцираше Пендаровски.

Тој додаде дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани знаат да препознаат чија програма е реална.

„Ги знам нивните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај“, заклучи Пендаровски.

Тој им се обрати и лично на граѓаните прашувајќи дали некој верува дека по седум години опозициско делување, некој очекува дека ќе се смени начинот на кој владее ВМРО-ДПМНЕ. 

„На големо изненадување на целата демократска јавност, уште од првиот ден од страна на најголемата опозициона партија наместо предлози за подобро утре на граѓаните и државата бевме соочени со обична рециклажа на буквално истите политички решенија кои ја донесоа државата во статус на изолирана и заробена, со власт која монтираше политички процеси и земја која имаше политички затвореници и новинари во затвор. Да бидеме искрени дали некој воопшто од нас, кој го памети режимот, има причина да се надева на поинакво однесување на партијата која организираше насилен упад во зградата на Парламентот, а денес по 7 години не само што не се извини за жртвите и на целиот народ поради тој срамен чин, туку најавува амнестија на насилниците кои беа спремни да убиваат само за нивните политички ментори да останат на власт. Каква алтернатива понудија и дали воопшто нешто понудија во оваа кампања во однос на двата клучни услови за стабилна и просперитетна држава, евроатланските интеграции и меѓуетничките односи“, рече Пендаровски.

Пендаровски посебно посочи дека во обид да ги  манипулира граѓаните ставот на опозицијата за нашата интеграција во НАТО доживеал невидена трансформација.

„Лично, од нивната кандидатка за претседател, чувме дека интеграцијата во НАТО Алијансата била важна за стабилноста на државата, а истата личност пред 4 години бараше кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор. Партијата која ја поддржува за овој политички лупинг не кажа ниту збор, мислејќи дека ги имаме заборавено жестоките критики и тешките лични навреди упатени кон сите нас кои го поддржуваме тој договор.

Истата личност рече дека според европската преговарачка рамка историјата не е услов за влез во ЕУ. А, партијата која ја предлага за највисоката државна функција ни за овој став не кажа ниту збор, иако три години во континуитет организира протести и правни и парламентарни блокади на нашата интеграција во Унијата, упорно повторувајќи ја измамата дека нема да станеме членка додека не ја прифатиме бугарската верзија на историјата“, потенцираше Пендаровски.

Тој додаде дека за да биде парадоксот поголем, високи претставници на таа опозициона партија поверувале во сопствената пропаганда и две години по усвојување на преговарачката рамка се уште не знаат што пишува во неа, како тоа дека целокупното европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик а македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици во таа организација во моментот кога ќе станеме членка. (Фото:Борис Грданоски)