Пендаровски најави дека точно за еден месец ќе почнел неговиот втор мандат


Стево Пендаровски на митингот во Центар (Фото: Б. Грданоски)

 

За Стево Пендаровски да се биде претседател за сите е животна филозофија. Осврнувајќи се на неговата досегашна работа, Пендаровски рече дека стои зад секоја своја одлука бидејќи резултатите се видливи. Државата 4 години е членка на НАТО, најголемиот воен сојуз и загарантирана е нејзината безбедност. Во оваа насока посочи и дека ако немавме надворешна блокада од Бугарија и внатрешна од ВМРО-ДПМНЕ, за неколку години земјата ќе беше полноправна членка и на ЕУ.

,,Вечерва ја барам вашата поддршка, но и поддршката од вашите блиски. Да ги убедите дека Македонија припаѓа во развиениот свет, во развиена Македонија“, рече Пендаровски на собирот во скопската општина Карпош и истакна дека од денеска има точно еден месец до почетокот на неговиот втор мандат.

Претходно, пред граѓаните на Илинден и на Петровец, Пендаровски истакна дека неговата животна визија е Македонија да биде земја без внатрешни поделби, земја на соживот, држава во која се живее пристојно. Затоа, како што посочи тој,  немаме повеќе време за губење и мора да го продолжиме патот кој досега го трасиравме.

„Нема план Б. Ако не го смениме Уставот, нема да ги продолжиме преговорите со ЕУ. 25 години се занимавам со меѓународна политика и знам дека не може поинаку. Но тие упорно велат дека одново ќе ги преговараат сите договори”, рече Пендаровски и додаде дека најмногу го плаши фактот дека граѓаните бргу заборавија како владееше Груевски.

„Ве молам да се потсетите како беше во нивно време. Изолација, искарани со сите соседи, без пријатели во светот. Со апсењето на новинарот пред некој ден нѐ потсетија, бидејќи сега владеат истите луѓе, истите кадри на Груевски” подвлече Пендаровски.

Посочувајќи на, според него, најголемиот проблем на државата – иселувањето на младите, Пендаровски рече дека младите ќе останат дома само ако двојно се зголеми животниот стандард, а тоа потенцираше тој, е можно само ако сме заедно со развиените западноевропски држави.