Пендаровски: Мицкоски е шпиценкандидат за претседател
Одговарајќи на забелешките на лидерот на опозицијата дека на митинзите не го придружувасл претседателот на СДСМ, Стево Пендаровски му одговори на Христијан мицкоски дека тој, всушност, „шпиценкандидат за претседател“.
„Јасно е дека на митинзите на Силјановска само претседателот на партијата што ја поддржува зборува. Пред четири години човекот беше шпиценкандидат за премиер, сега е де факто шпиценкандидат за претседател на државата“ рече претседателот Стево Пендаровски на граѓанскиот митинг во Кичево одговарајќи на прашања од граѓаните.
Тој додаде дека догодина Мицкоски можеби ќе биде и шпиценкандидат за градоначалник на Скопје, веројатно нешто ќе му се погоди.
„Ме критикуваат дека на моите митинзи само јас зборувам, дека сум бил оставен сам. Сега да им кажеме дека јас сум бил секогаш и секогаш ќе бидам со народот, затоа повелете сите на бина“ рече Пендаровски.
Тој нагласи и дека релевантните анкети покажувале дека ВМРО-ДПМНЕ не само што се далеку од 61, туку се и далеку под 51 пратеник
„Ако паметите 10-15 години наназад, Груевски на секои парламентарни избори, а тој беше мераклија секоја година да прави избори, велеше дајте ми 61 пратеник да не ме уценуваат Албанците. Тоа беше грозна манипулација, демек Албанците се закана, но по избори, уште следниот ден правеше коалиција со некоја албанска партија“ рече Пендаровски.
Тој додаде дека сега е ист случај, кога ВМРО-ДПМНЕ сака на националистичка карта, со националистичка реторика да добие повеќе пратеници, а после повторно ладно и комотно да влезат во коалиција со некоја албанска партија.
„Во Македонија влада без политички претставници на најголемите етнички заедници не е можна. Или е можна, но опасна“ рече Пендаровски.
Тој додаде дека ваква реторика користи ВМРО-ДПМНЕ кога работите не им одат во корист.
„Велат дајте ни 61 пратеник за да не не уценуваат Албанците. Јас ви кажувам дека во моментот, според сите релевантни анкети, не само што се далеку од 61, туку се и далеку под 51 пратеник“, рече Пендаровски