Пендаровски ќе достави претставка за говор на омраза од Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ
На актуелниот претседател кој се бори за втор мандат, Стево Пендаровски, изгледа му дојде преку глава да ги слуша постојаните омаловажувања, па и навреди од говорниците на митинзите што ги одржува ВМРО-ДПМНЕ и нивната претседателска кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, па реши да достави претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во соопштението од неговата кампања се наведува дека „Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати, на јавните собири и митинзи, искажаа лични навреди и клевети за кандидатот за претседател Пендаровски, коишто, освен што го нарушуваат неговото достоинство и неговите чест и углед, исто така содржат и елементи на говор на омраза, со што наведените може да поттикнат други лица да сторат дела од омраза.
Пендаровски материјалот ќе го достави до ДИК, чијшто Кодекс за фер и демократски избори го потпиша кандидатката и партијата која ја поддржува, понатаму до набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, до делегација на ЕУ, како и до амбасадите на земјите членки на НАТО и Европската унија во нашата земја.
Со оглед на тоа што Државната изборна комисија одлучува по приговори, а не по претставки, во врска со почитувањето на одредбите од Изборниот законик и до неа ќе се достави материјалот заради нивно информирање“, велат оттаму.