Пендаровски би одел на дебата со Силјановска и во белата палата
„Јас предлагам дуел, кој опозицијата го избегна. Македонските граѓаните треба да знаат дека побегнаа од мастер дебата. Јас ја предложив, пред 20 дена реков дајте сите да седнеме, сите да се присутни. Нивниот кандидат се мислеше, еднаш прифати, па откажа. Потоа откажаа некои телевизии од за мене непознати причини“ рече претседателот Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Охрид.
Тој додаде дека предлага дебата каде било, па макар и во белата палата, која чини 30 милиони евра, пред камери и медиуми на опозицијата, да се разгвоара за кое било прашање.
„Тврдам дека имам визија и план за Македонија и тоа го докажувам пет години наназад. Сите може да судите за што сум бил и против што сум бил, што сум рекол за кое било прашање или тема“, рече Пендаровски.
Претходно, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, го повика претседателот Стево Пендаровски на дебата од митингот во Виница, но не кажа дали би излегла со другите претседателски ривали на соочување. Таа изјави дека „секој претседател го завршува мандатот со еден детален извештај со кој што ќе потврди што реализирал“.
За потоа да изјави: „Што се однесува до дебатите, за коишто вели дека бегале некои од големите партии, само да потсетам дека сите дебати со мене ги изгуби. Нека одбере место, нека одбере простор, нека одбере формат, каде сака, пак ќе го победам“.