Пеликаните се вистински симбол на дивата убавина на Преспанското Езеро
Преспа е дом на илјадници видови живи организми, а најамблематичен меѓу нив е секако кадроглавиот пеликан. „Зошто?“ – ќе се запрашате. Епа, затоа што Преспа ја има најголемата колонија на кадроглави пеликани во светот!
Со својот величествен изглед, пеликаните се вистински симбол на дивата убавина на Преспанското Езеро. Нивното присуство не е само визуелно впечатливо, туку и суштинско – тие се тесно поврзани со езерскиот екосистем, зависејќи од неговата рамнотежа, богатството на риба и квалитетот на водата.
Но, за жал, овие импресивни птици се соочуваат и со сериозни предизвици. Во изминатите години, птичјиот грип остави последици врз нивните популации, а дополнително, нарушувањето на нивните живеалишта под притисок на климатските промени и човечките активности претставува постојана закана.
Токму затоа, мониторингот на пеликаните (нивната бројност, движење и однесување), ни овозможува подобро да ги разбереме промените во екосистемот и навремено да преземеме мерки за нивна заштита.
Всушност, заштитата на пеликаните значи заштита на целиот езерски екосистем, а со тоа – и на цела Преспа!
Затоа ќе продолжиме одблиску да го истражуваме и мониторираме живиот свет во Преспа, придонесувајќи кон негово подобро разбирање и долгорочна заштита, велат од МЕД.
Нашите активности за истражување и мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се поддржани со проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.