Патувањето во вселената на Бренсон заврши со „пад на земјата“ на акциите на Вирџин Галактик


Успешното вселенско патување во неделата на милијардерот Ричард Бренсон заврши со „пад на земјата“ на акциите на Вирџин Галактик, компанија што ја основаше во 2004 година и во која тој држи 24 проценти од акциите.

До крајот на денот во понеделникот, акциите паднаа за 17 проценти, иако пораснаа за осум проценти пред отворањето на пазарот. Причината за тоа е најавата за продажба на акции на компанијата во вредност од 500 милиони долари со цел дополнително да се изгради флотата на вселенски бродови.

Иако инвеститорите првично го поздравија првиот пробен лет на Вирџин Галактик, постојните акционери сè уште не се задоволни од изгледите за намалување на нивниот удел со предложената емисија на хартии од вредност, што на крајот доведе до продажба на акции, пренесува Јутарњи лист.
Акцијата на компанијата вчера вредеше 33 американски долари, речиси половина во споредба со 63 американски долари колку што вредеше во февруари годинава.

Во пријавата до Комисијата за хартии од вредност на САД се наведува дека продажбата на акциите ќе ја вршат инвестициските банки од Волстрит, Кредит Свис, Морган Стенли и Голдман Сакс, а приходите од продажбата ќе бидат искористени „за општи корпоративни цели, обртни средства, општи и административни работи и за капитални трошоци за производствениот капацитет, развој на возниот парк и други подобрувања во инфраструктурата“.

Патувањето на Бренсон од оперативната база на Вирџин Галактик до работ на вселената и назад се сметаше за клучна пресвртница во намерата на компанијата да започне комерцијални вселенски услуги следната година. Тој го нарече летот, во кој беше придружуван од двајца пилоти и тројца вработени во компанијата, клучен тест за искуството во вселенскиот туризам.

„Имам тетратка со себе и запишав 30 или 40 ситници што ќе го подобрат искуството толку многу за следната личност што ќе оди во вселената со нас. Единствениот начин на кој понекогаш може да ги најдете овие мали нешта е да влезете во вселенски брод, да отидете во вселената и да го доживеете тоа сами“, рече тој. Околу 600 заинтересирани лица веќе платиле депозити за билети што ќе ги чинат до 250.000 американски долари.

Вирџин Галактик планира два дополнителни тест лета пред компанијата да започне комерцијални услуги во 2022 година.