Патот на СЈО од ѕвездите до калта


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Да не го „заштитеше“ своевремено СЈО името „Титаник“ како наслов за еден од првите случаи што ги отвори од „џиновската“ лента со нелегално прислушувани разговори, шефицата на Обвинителството за организиран криминал сега ќе можеше да го употреби истиот термин за предметот кој мошне сликовито покажува како во општество во кое правото е релативна категорија може преку ноќ да се стигне до ѕвездите, а уште полесно да се падне оттаму во кал. Така, и државата за само неколку часа навлезе во нова политичка конфузија – во моменти кога голем дел од јавноста, можеби, се понадева дека работите ќе почнат да се враќаат во колосек во пресрет на есента, со оглед на очекуваната одлука за почеток на преговори со ЕУ и влегувањето во НАТО како полноправна членка.

Надежта што ја поттикна и премиерот Зоран Заев кога закажа нова рунда политички дијалог траеше едвај два часа. Потоа, стана ирелевантно какви измени се потребни во изборната регулатива, според кои критериуми ќе се попишува населението, па и какви одредби ќе се внесат во новиот закон за јавното обвинителство… Наместо дебата за теми што може да значат враќање во нормалноста, со невидена брзина почнаа да се распаѓаат многу илузии, пред сè за тоа дека правната држава и владеењето на правото нема да останат само главен критериум запишан во сите извештаи на Европската комисија за сега Северна Македонија. Затоа што истата институција чие формирање претставуваше погонско гориво за подгревање на таквите надежи и илузии сега стана причина за нивно задушување.

Во моментот кога се јавија првите сомневања дека жената што пред некоја година и влијателни странски медиуми ја прогласија за „Чарлиев ангел“ број еден, можеби, ја злоупотребила позицијата, навлегувајќи на другата страна на законот, почна да се развива нов политички трилер во земјава – со поинтригантни размери и од филмската приказна за трите детективки кои решаваат заговори што може да ја уништат приватноста на глобално ниво. Специјалното обвинителство, чие формирање го навести финалето на големата политичка криза во земјава, сега наеднаш стана иницијална каписла за нова политичка нестабилност.

Независно од тоа дали ќе се докаже дека главната специјална обвинителка е вмешана во аферата со „рекетот“ или само индиректно било користено нејзиното влијание, кредибилитетот на СЈО е сериозно нарушен. Со тоа се разнишани и позициите на владејачката гарнитура, пред сè на СДСМ, која во изминатите неколку години, и додека беше во опозиција, со сиот капацитет го поддржуваше тимот на Катица Јанева во мисијата за расчистување на аферата со масовното нелегално прислушување и сите криминални и корупциски скандали што произлегоа од него.

Само што, во меѓувреме, „бомбите“ беа темпирани така за на крајот да експлодираат во дворот на СЈО. Тоа, сепак, не е истиот двор од кој своевремено тргнуваа карваните на „Шарената револуција“, под слоганот „Нема правда – нема мир“, туку километар или два подалеку. Тоа е адресата каде што потоа се пресели обвинителството чиј обем на работа нагло порасна по смената на власта и кое, и покрај сите опструкции на кои наидуваше – и во политичката арена и од другите институции од областа на правосудството, пред сè во судската власт, како-така функционираше – сè додека не му беше оспорена можноста да подига нови обвиненија. Тоа, веројатно, е критичната точка од која почна да се топи рејтингот и да опаѓа довербата во СЈО, кое, пак, деновиве ги живее најнеславните моменти од својот кус, ама бурен историјат.

СЈО, впрочем, никогаш не беше правна институција во вистинска смисла на зборот. Повеќе претставуваше политичка творба, формирана и структурирана во договор меѓу најголемите политички партии во земјава, со меѓународна асистенција и со намера да го олесни решавањето на политичката криза. Кога ова обвинителство почна да ги отвора првите случаи што произлегоа од „бомбите“, до максимум пораснаа и очекувањата во јавноста за враќање на правото и правдата во државата, а обвинителките што добија титула „Чарлиеви ангели“ беа опишувани како „страв и трепет за политичарите во Македонија, центар на довербата во оваа турбулентна земја и хероини на демонстрантите, кои секој ден се собираат пред нивната канцеларија“. Поради тоа и сега е толку големо разочарувањето од последните случувања кои покажаа дека и оние што беа етаблирани како симболи на таа правда, што по дефиниција требаше да биде неселективна, можеби, не биле отпорни на политички и коруптивни влијанија.

Од друга страна, и ако се докаже дека е така, тоа не ги брише податоците од „бомбите“ за крупни законски прекршувања и за злоупотреби на моќта и власта во периодот на претходната влада, чиј кормилар и избега од државата од прогонот на СЈО. Тоа не го негира фактот дека новото раководство на опозицијата, со сите можни „оружја“, ја кочеше работата на СЈО, не поради тоа што Јанева била во наводни „дилови“ со осомничени, туку за да ја оневозможи правдата и да ги заштити своите функционери од кривичен прогон – и по цена тоа да значи препрека за државата да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Калта што сега падна врз Специјалното обвинителство не ја брише калта од многу случаи што ги отвори оваа институција, а од кои само мал дел доживеаја досега завршница, додека поголем дел се заглавени или во судски лавиринти или во меѓупартиски препукувања, вклучително со предметот во кој првоосомничениот бизнисмен, наводно, бил рекетиран за да помине полесно кај Јанева. Сите тие случаи ќе мора да се расчистат, како што сега мора да се расчисти до крај и скандалот во кој директно или индиректно е инволвирана главната специјална обвинителка. Само така државата ќе може да почне одново да се враќа на колосекот на нормалноста. Само тоа ќе биде релевантен показател дека политичката криза што избувна во почетокот на 2015 година навистина е решена и дека се отстранети сите рецидиви од неа. Затоа што, во суштина, и последните случувања околу СЈО се рецидив од сите темпирани, а недоиспукани „бомби“, од кои една политичка гарнитура на власт доживеа трескотен дебакл, а следната и актуелна очигледно не ги научи сите лекции од тој пад.

Скандалот кој допира до Јанева може силно да ги разниша и позициите на оваа влада, ама тешко дека ќе ги зајакне позициите на сегашната опозиција, чие раководство не покажа волја да се одлепи од политиките што ја урнаа претходната владејачка гарнитура. И во случај и најновата политичка конфузија да доведе до предвремени избори, прашање е дали одѕивот на гласачите овој пат ќе барем половина од скромната излезеност што беше забележана на последните претседателски избори.