Партијата на Турците, ТХП, загрижена од етничката поларизација во Уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд да го замрзне балансерот до конечното изјаснување на уставните судии предизвика реакција и на Партијата за движење на Турците ТХП.
„Со големо внимание и загриженост ги следиме дискусиите околу укинувањето на механизмот балансер, како и ставот на судот ‘дека националната припадност не може да е услов за место во администрација’. Факт е дека овие одредби имаат важна улога во правичната застапеност на етничките заедници и претставуваат една од клучните придобивки на Охридскиот рамковен договор.
Исто така загрижувачки е што сме сведоци на поларизација на етничка основа во самиот Уставниот суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани“, велат од ТХП.
Во нивното соопштение се нагласува дека во изминатите години балансерот бил злоупотребуван од сите етникуми. „Повикувавме и нудевме решенија за подобрување на самите механизми. Но сега, за да се надмине овој проблем, владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи.
Уставниот суд ја има надлежноста за да ја штити уставноста и законитоста во државата, но не за нарушување на самата уставност“, велат од ТХП.