Партиите си прават стендап-шоуа – граѓаните во хаос


Фото: Б. Грданоски

Македонија веројатно е единствената земја во регионот и пошироко каде што јавноста е жртва на бизарен партиски напад на сите сетила. Освен што сме бомбардирани со партиски соопштенија и изјави, сведоци сме на и по неколку прес-конференции во неверојатно краток временски интервал на неколку теми кои една со друга немаат никакви допирни точки.

Секој ден ваквата војна, во која се изнаслушавме тешки обвинувања непоткрепени со докази, а завиени во несмасни и излитени фрази, почнува рано наутро. На партиско соопштение следува реакција, а потоа изјава за медиумите, па прес-конференција, па повторно соопштенија и реакции, па пак прес-конференција која некогаш се одвива и под прозорецот на политичкиот противник за подобар визуелен ефект. Најновиот патент е споделување некакви скандалозни и сензационалистички податоци презентирани во прашална форма. Хит е фамозното зборче „дали“, кое нели не е тврдење и треба да претставува заштитата од можна тужба за клевета. Дали бизнисменот Орце Камчев ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ? Дали Заеви ги отвориле фирмите во Бугарија со намера да учествуваат во работењето на рудникот Иловица? Дали чантата со пари од аферата „Рекет“ завршила на „Илинденска“?…

Десетици вакви прашања актерите од првите постави на партиите секојдневно со леснотија ги изговараат во микрофоните и потоа преку медиумите тие си го наоѓаат патот до граѓаните. Дел од обичните смртници без задршка тоа го доживуваат како најобично „лупетање“, но, веројатно, кај поголем дел од граѓаните таа неподнослива окупација и контаминација на јавниот простор без квалитетни и аналитички содржини создава разочараност, збунетост, тензичност. Искуствата во регионот и Европа се сосема поинакви. Прес-конференциите се сведени на една до две во неделата. Тоа може да биде почесто само ако се случи нешто вонредно, ако има конкретна причина. Бомбардирањето, пак, со партиски соопштенија меѓу опозицијата и партијата на власт веќе претставува форма на политички анахронизам кој е веќе надминат во праксата.

Дел од експертската јавност смета дека институционалниот контролен механизам е во тешка хаварија и целата моќ е сконцентрирана во неколкуте поголеми партии. Самите партии, според нив, тешко дека ќе променат нешто во нивното поведение, па затоа сметаат дека медиумите треба да ја одиграат главната улога.

„Моќта на партиите апсолутно е излезена од контролата на кој било општествен субјект. Политичките субјекти се однесуваат како разгалени деца. Прават буквално сè што ќе им текне на памет. Сега, да речеме, си водат преговори за закон за јавно обвинителство, а во тоа не е вклучена стручната јавност“, вели универзитетскиот професор Ило Трајковски.

Факт е дека партиите се поимаат како активен елемент, главни протагонисти на демократскиот поредок. Тие го одредуваат начинот на работа и содржината на одлуките на парламентот, активноста на владата зависи од определувањето на владејачката партија (или коалицијата од партии), персоналниот состав на учесниците во изборите го одредува партијата, исходот на изборите, исто така, зависи од односот на силите меѓу партиите. Но тоа во никој случај не значи дека нивната цел треба да биде држење на јавноста во постојана тензија со своите ад хок конфронтации.

„Во состојба кога капацитетот на институциите е слаб, клучна е улогата на медиумите. Тие треба да го диктираат темпото, а не партиите. Она што го пласираат партиите во крајна линија стигнува до јавноста преку разни форми на известување. Многу е важно новинарите да не се продолжени раце на партиите, туку да имаат своја автономност и да си ја вршат работата според професионалните стандарди, односно да не бидат обични трансмитери. Медиумите конечно одлучуваат што и на кој начин ќе пренесат, а што од партиската пропаганда при внатрешната селекција не заслужува никаков медиумски простор“, вели Трајковски.

Според него, може да се направи таков рез, доколку постои волја за такво нешто, а тоа ќе биде добредојдено токму во вакви моменти кога е потребна радикална промена во општеството. Со цел, како што вели, да се стабилизира политичкиот простор и да се изгради профилиран партиски систем.

„Таа оркестрација со непоткрепени обвинувања спречува да се создаде помодерен и порационален политички дискурс“, вели Трајковски.

Доколку вака се продолжи со бесмислени кавги и неред зад кои стои нечиј конкретен интерес, сигурно е дека ќе останеме по страна од главните текови, без оглед, да речеме, на дилемата дали ќе добиеме почеток на преговорите со ЕУ во октомври или не. Александар Кржаловски, директор на МЦМС, во колумна за „Независен весник“ насловена „Бесмислени партиски пресови“ нагласува дека треба да има еднаква одговорност за јавно кажаниот збор (особено за обвинувања), без оглед дали формата е прашална или не е.

„Инаку, ваквиот начин на јавно обраќање е огромен генератор на лажни вести, кои доаѓаат од највисоките кругови на политиката“, вели Кржаловски. Тој, меѓу другото, забележа дека на ретко која од партиските прес-конференции всушност има одговори за кое било од покренатите прашања. Особено не за прашањата од другата партија.

„Напротив, никој воопшто не се осврнува на тоа што прашале (или обвиниле) од другата партија, туку веднаш се преминува во противнапад со свој сет прашања. Токму тоа ги прави бесмислени овие прес-конференции бидејќи е целосно сменета нивната суштина и улога во еден демократски систем“, нагласува Кржаловски, кој ги повика медиумите практично да ги бојкотираат ваквите пресови или барем деловите во кои портпаролите поставуваат прашања до другата партија (или воопшто – прашања), а да ги пренесуваат само одговорите за постапките, однесувањата и изјавите на членовите на сопствената партија, ставовите на самата партија за одредени прашања или промоција на нови идеи, политики, решенија – нешто што одамна воопшто го нема на пресовите. (Н.К.)