Парламентарни избори 2024: Се прегласува во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6


Фото: Б. Грданоски

 Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024. Прегласување во петата изборна единица ќе се спроведе на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.

Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач. Во избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи, во избирачкото место 1194 во Крушево право на глас имаат 470 избирачи, во 1202 исто така во Крушево 298, во 1272 во Охрид 712, во Долнени во избирачкото место 1470 – 659, додека во 1470/1 – 634 и во избирачкото место 1844 во Струга 755 избирачи.

Поради повторување на гласањето за Парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера ги извести националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој почна од ноќеска на полноќ и ќе трае денеска до 19 часот.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК,  ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.

Во „петката“ има поголема можност за нова распределба на мандатите меѓу партиите. Според резултатот од осми мај, во изборната единица 5 во прашање се само стотина гласови кои можат да одлучат за распределбата на пратеничките мандати. Во изборната единица пет коалицијата на СДСМ во шесте избирачки места треба да освои околу 100 гласа повеќе од ДУИ за да добие еден пратеник плус, односно наместо Исмаил Јахоски од ДУИ, пратеник да стане Боби Мојсоски од ЛДП, односно коалицијата предводена од СДСМ. 

Но, во петката, на дополнителен пратеник се надева и ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа што оваа партија веќе освои 10 пратеника во оваа изборна единица, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му требаат повеќе од 400 дополнителни гласа но и да му се „посреќи“ коалициите на СДСМ и ДУИ да освојат помалку гласови од претходното гласање. Тогаш, на местото од Јахоски би влегов Лазе Јаќимовски како 11ти од листата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во „шестката“ се прегласува само на едно избирачко место, така што шансите да се случи нова прераспределба на мандатите се мали. Таму, на свој пратеник плус се надева коалицијата ВРЕДИ на местото од пратеник од ДПА која е дел од Европски фронт. 

Гласачкото место во Желино има запишано 992 гласачи, па ако се случи ВРЕДИ убедливо да го победи ДУИ, тогаш оваа коалиција ќе добие 14-ти пратеник во Собранието. Ако и во двете изборни единици Европскиот фронт загуби тогаш оваа коалиција предеводена од ДУИ ќе „падне“ на 17 пратеници, што впрочем беше и главната причина партијата од Мала Речица да обвинува за изборен инжинеринг. Но, сепак, ништо нема да се знае се додека не се избори и последното ливче, затоа што заради Донтовиот модел, и неколку гласачки ливчиња можат да одлучат кој ќе добие а кој ќе загуби од денешното прегласување.