Париз ми беше школа и за мода и за костимографија: Искрено со Зорка Тодорова-Младеновиќ, добитник на „Златен објектив“ за 2020


Лејла Сабит

-Од Париз се вратив на крајот на февруари и за среќа карантинското време го минувам во Македонија. Имам пресметано дека до сега вкупно во Париз имам живеено повеќе од 10 години. Некаде од 1963 па до денес. Во различни временски периоди можев да ја доживеам и француската мода, да ја густирам нивната храна, да ги посетувам многубројните изложбени поставки, театарски престави и да бидам посматрач на многу културни и политички збиднувања. Па дури и бурната 1968 година со студентските демонстрации ја доживеав таму, вели нашиот почитуван костимограф Зорка Тодорова-Младеновиќ (76) во интервјуто за nezavisen.mk., една од ретките кај нас која работела во славното време на Ју-модата и на македонските филмови кои оставија трага во кинематографијата.

Зошто Леуново го избра за самоизолација, зошто модата сега е потреба, а не луксуз, и што ја натера да ја напише книгата „Како да станам моден дизајнер“, открива во продолжение на интервјуто.

Во време на корона ја добивте наградата ,,Златен објектив“ за 2020 на Кинотека на Македонија која се доделува на филмски работници кои преку сввојот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската конематографија. Наградата ќе ви биде врачене кога ќе има услови за тоа. Каде ја примивте веста?
-Веста за наградата ,,Златен објектив„ за 2020 година на Кинотеката на Македонија го добив преку телефон. За тоа ме извести директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, и честитајќи ми, ми објасни дека официјалното, јавно доделување ќе се случи, да се надеваме, некаде во септември.
Дали костимографијата го доби заслуженото место во Македонија како што е во Холивуд каде се добива и Оскар за оваа професија?
-Ние сме мала држава и секако не можеме да правиме паралели со Холивуд, ниту имаме голема годишна продукција на филмови, ниту пак имаме некој филмски фестивал од светски размери. Фестивалот „Браќа Манаки“ е нешто друго – тој е посветен на кинаметограферите, на директорите на фотографија, и фокусот е ставен на фотографијата и камерата. Што се однесува до костимографската професија, можам слободно од моето работно искуство да кажам дека со речиси сите режисери, автори на филмовите, сум имала добра соработка и меѓусебно креативно разбирање. Овој пат навистина еве ќе се пофалам дека добро сум соработувала со сите: Рули Османли, Бранко Гапо, Александар Ѓурчинов, Столе Попов, Владимир Блажески, Милчо Манчески, Митко Панов, Антонио Митрќевски, како и со сите други режисери со кои работев во Македонската Радио-телевизија и во театрите низ Македонија.
Облеката е исто така ваша професија. Која ви донесе најголема сатисфакција, а која задоволство? Филмската, театарската, модната или историската?
-Кога во 1962 година ме примија на студии на Факултетот за применети уметности во Белград бев најсреќниот човек кој беше спремен да научи се за да стане костимограф во некој театар. Но следната година, по скопскиот земјотрес, добив можност да го продолжам школувањето во Париз. На Факултетот за декоративни уметности во Париз имав многу добра професорка – Ивон Деландр ( Yvonne Deslаndre) која подоцна имаше битна улога во формирањето на музејот за костим во Лувр, и преку нејзините предавања осознав многу нешта за историјата на облеката, за начинот на нејзиното чување и интерпретирање на филмското платно, во театарот, но и во модата. Многу често, од неа добивав пропусници за модните дефилеа – ревии во куќите на Кристијан Диор, Пјер Карден, Ив Сен Лорен, Балмен, Живанши и многу други. Париз ми беше школа и за мода и за костимографија. По враќањето во Скопје бев вработена како костимограф во Радио-телевизија Скопје , но паралелно, хонорано работев и на филм. Почнав со „Мементо“, па следуваа „Жед“, „Истрел“, итн. Некаде во 1976 година заминав повторно во Париз како стипендист на француската влада. Бев примена на Школата на францускиот синдикат за Висока мода и таму ги совладав процесите за конструкција на облека во две димензии како и поставувањето на модел на манекенска кукла. Тоа подоцна ми помогна многу, така да по враќањето во Скопје почнав интензивно да се занимавам со креирање и реализирање на самостојни модни ревии кои во тој период беа новина кај нас. Моите ревии во хотелот „Континентал“ содржеа по стотина модели и мислам дека успешно ја презентираа модата кај нас. Следеше моето работење како моден креатор во ИНТЕКС од каде што спремав модни колекци за повеќе од 20 текстилни фабрики во Македонија. Тоа беше период кога имаше многу малку школувани модни креатори и костимографи и имаше навистина многу работа. Во Македонија, во текстилната индустрија повеќе од 30.000 вработени беа во конфекциската индустрија и во сите наши текстилни фабрики требаше да се прават колекции за производство, за саеми, за модни ревии, за каталози. Навистина имаше многу работа, во сите домени на модната индустрија.
Животот е непредвидлив. Во деведесетите години текстилниот пазар се затвори, фабриките се приватизираа и дојде време кога сопствениците на фабриките беа принудени да работат само ЛОН производство. Работа за модни креатори веќе немаше, но тоа беше период кога почнаа да се отвараат повеќе разни приватни школи за модни дизајнери (креатори). Моето работно искуство ми овозможи смело да се втурнам во професорските води и повеќе години бев професор за мода, историја на облека и модни конструкции. Во тој период напишав и неколку интерни учебници за моите студенти и по пензионирањето, покрај работењето како костимограф на филм и театар почнав да ги доработувам тие мои учебници.
Изработката на историските костими за восочните фигури за мене беше голем предизвик бидејќи самиот процес бараше едно постудиозно истражување на македонската историја, на секојднениот живот на нашите претци, но и на биографиите на сите оние личности кои оставиле трага во нашата историја. Иако имав работено историски костими и во поранешни проекти, на филм и на телевизија, во тие пет години додека ги реализирав костимите за фигурите во музеите, многу подобро ги разбрав економско-политичките премрежја низ кои минувал нашиот регион.

Ретки се професионалците кои можат да се пофалат дека работеле како костимографи на играни филмови кои ја испишале македонската кинематографија како ,,Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај„, „Војната заврши“ и други. Работевте и како костимограф-асистент на филмовите на Милчо Манчевски: „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, како и на подготовките за филмовите „До балчак“ и „Децата на сонцето“. Се навраќате ли на тие времиња?
-Од сите нешта што сум ги работела врзани со облека слободно можам да кажам дека работата на филм е најкомплексна и најодговорна. Филмот останува, се врти во кино салите, на телевизија па сега дури и на интернет. Костимографот мора да го долови ликот, костимот да го прилагоди на актерот, но и да му помогне на актерот да го одигра зададениот лик, да се соживее со него. Филмот е тимска и скапа работа, соработката во екипата е задолжителна, одговорна, со свои рокови и врменски рамки кои мора да се запазат и почитуваат бидејќи треба да се усогласат со останатите сектори во екипата. Добрата разработка на ликовите, истражувањето, консултацијата со режисерот и креативниот дел од екипата, а потоа и формирањето добра костимска екипа за подготовка на костимите за снимање се првите работи што костимографот ги прави. Ако сето тоа е добро однапред подготвено, снимањето на филмот излегува без поголеми проблеми и прилагодувања.


Париз, престолнината на модата, е град на вашата младост, каде го печевте занаетот, ама и често му се навраќате и приватно. Кога последен пат го посетивте и во што е неговата магија? Културата, луѓето, храната, енергиата…?
-Од Париз се вратив на крајот на февруари и за среќа карантинското време го минувам во Македонија. Имам пресметано дека до сега вкупно во Париз имам живеено повеќе од 10 години. Некаде од 1963 па до денес. Во различни временски периоди можев да ја доживеам и француската мода, да ја густирам нивната храна, да ги посетувам многубројните изложбени поставки, театарски престави и да бидам посматрач на многу културни и политички збиднувања. Па дури и бурната 1968 година со студентските демонстрации ја доживеав таму.
Модната индустрија и модните куќи беа во првите редови во борбата против Ковид 19. Со големи донации и помош за здравствените власти. Ревиите се преселија на Интернет, брендовите се откажуваат од модните недели, велат не е време за гламур? Каде ја гледате иднината на модата?
-Знаеме дека високата мода е луксузна и скапа, и достапна само за најбогатите. Нема повеќе од 5000 луѓе во светот кои можат да си ја приуштат. Лудилото на бејби-бум генерацијата е веќе минато, бидејќи „прет-а-портето“ беше создадено за нивните потреби и апетити, а тие, како и светот во тоа време, имаа поголема куповна моќ. Денес, по многуте политички промени, војни и економски неизвесности, луѓето се повеќе се определуваат за едно покомотно и попрактично живеење каде што модата е потреба, а не луксуз. Луѓето се соочуваат со последиците од конзумеристичкото општество во кое живеат, се освестуваат за уништената природа и планета како резултат на начинот на кој живеат, а сега и со коронавирусот навистина се преиспитуваат за тоа што им е битно во животот. И треба да се размислува што треба да ни значи облеката во новиот контекст. Последниот пат кога бев во Париз гледав една многу интересна репортажа според која повеќе од 40% од Французите денес се облекуваат во „second-hand“продавници. Многумина од нив сфатиле дека производството на облека е една индустрија која доста придонесува за загадувањето и уништувањето на природата. Размислуваат и дека облеката не е толку примарна, дека во животот има и многу други нешта кои се приоритетни и дека секој треба свесно да придонесе во намалувањето на загадувањето. Тоа ме натера да размислувам малку поинаку и да го променам мојот однос кон модното лудило.


Наскоро во издание на ,,Арс Ламина“- публикации, виртуелно ќе биде промовирана вашата книга ,,Како да станам моден дизајнер“. Станува збор за прва книга од ваков тип на македонски јазик, која што им излегува во пресрет на фантазијата и желбите на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност. Давате мошне поучни совети, со оглед на тоа дека предававте Историја на облека и Модна креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ и ФОН, каде што се пензиониравте. Што ве потикна за ваква книга?
-Кај нас не постои литература за мода. Барем засега. Интересот да се стане моден дизајнер со години е голем. Модниот дизајн денес и кај нас се изучува на повеќе факултети но досега немаше никаков прирачник или книга наменета за процесот на школување на моден дизајнер. Книгата е така конципирана да му овозможи на секој оној што се интереира за модната индустрија или да стане дел од неа да осознае што се е потребно за да се совлада за да се биден моден дизајнер. Книгата може да се нарече и буквар за модниот дизајнер – ги содржи сите процеси кои треба да ги помине. Со читањето, младиот човек треба да увиди дали навистина е подготвен сите тие неопходни информации да ги совлада. Талентот и желбите за таа професија се само почеток и бараат многу упорност, но потребна е работа и совладување на многу информации за да се формира идниот моден дизајнер.
Во текот на богатата кариера, реализиравте околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Археолошкиот Музеј во Скопје, во Историските музеи во Ново село, Битола , Кавадарци и Ресен. Кој костим ви беше најтежок за реализација?
-Костимите што ги работев за Археолошкиот музеј беа најтешки за реализација. Да се најдат ткаенини кои асоцираат на ткаенините од времето на Александар Македонски, на времињата од средниот век, истите да се извезат или дополнат со чевли, капи, оружје беше навистина тешко. За костимите од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век ми беше полесно бидејќи имав доста литература, а такви костими правев и за филмовите „Прашина“, „До балчак“, за серијата „Тврдокорни“ и за многу други телевизиски филмови.
Како ви поминува времето во изолација?
-Во времиња кога можеш да излегуваш од дома ограничено само на два или три часа е навистина многу тешко. Дојдов во Леуново и тука сум во природа, има убави прошетки во шумата, секако, во пропишаниот временски период за пензионери, но и работа на некои идни проекти.
Колку корона вирусот ги смени вашите животни навики и размислувања?
-И мене како и на сите други, многу планови ми пропаднаа. Морав да се прилагодам на новонастанатата ситуација, да бидам дисциплинирана и по малку да се плашам да не завршам во некоја болница. Изолацијата навистина не е лесна но сите информации укажуваат дека треба да бидеме многу внимателни. Се надевам дека кон крајот на мај ќе можам да престојувам во Охрид и да уживам во убавините на градот и езерото. Охрид е моја љубов уште од млади години, таму си ги полнам батериите. За жал ова лето не верувам дека ќе го имаме Охридското лето и дека ќе уживаме во концертите во Света Софија, како и во театарските престави и изложби.
Што ви недостасува најмногу од нормалниот живот?
-Многу нешта. Нема дружења, нема патувања, нема заеднички средби и топли прегратки. Има страв, неизвесност и „што ќе биде утре“? Остана само надежта дека и на оваа корона ќе и дојде крајот.
Што прво ќе направите кога ќе заврши пандемијата?
-Ќе се изгушкам со сите блиски и пријатели, ќе се дружам, би сакала и да патувам, се разбира најпрвин на море и во Париз, се да биде како пред „короната“.