Париз ја откажа средбата со британскиот министер за одбрана поради спорната продажба на подморници


Франција го откажа состанокот на министерката за одбрана Флоренс Парли со британскиот колега Бен Валас, закажан за следната недела, откако Австралија го раскина профитабилниот договор за набавка на подморници со Франција, избирајќи договор со Вашингтон и Лондон, изјавија два извори за Ројтерс.
Парли лично ја донесе одлуката за откажување на билатералната средба со британскиот министер за одбрана Валас, велат извори на Ројтерс, потврдувајќи ги претходните наводи на Гардијан дека состанокот е откажан.

Откажувањето на договорот за набавка на подморници вреден повеќе милијарди долари, потпишан во 2016 година, создаде дипломатска криза, а Париз ги отповика амбасадорите од Вашингтон и Канбера.

Франција тврди дека сојузниците не ја консултирале, додека Австралија тврди дека јасно ја изразува својата загриженост поради договорот неколку месеци.

Францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден ќе разговараат телефонски во наредните денови за кризата, изјави во неделата портпаролот на француската влада.

Австралија, Обединетото Кралство и САД во средата објавија формирање на трилатералната безбедносна алијанса АУКУС за зајакнување на одбранбената соработка во Индо-Пацификот, која предвидува флота од нуклеарни подморници што Австралија ќе ги изгради со помош на Соединетите Држави.

Поради таа одлука, Канбера се откажа од договор вреден 40 милијарди долари со француска компанија која требаше да изгради флота од подморници, на што Париз жестоко реагираше.