„Пари“: Две третини од компаниите што котираат на Берза се со помала добивка од лани или се во загуба


Што се случува зад затворените врати во македонските компании? Дали македонскиот бизнис тешко ги задржува пyлсот од минатата година и нагорните трендови во финансиските биланси? Првата половина од оваа година очигледно е потешка од претходната, па затоа бројките кај компаниите почнуваат да светкаат црвено, пишува порталот „Пари“.

Сликата што ја даваат финансиските извештаи на котираните компании на Македонската берза воопшто не е едноставна и не е розова. Врз основа на овие биланси, анализираме кои компании останале во зелено, каде најсилно се почувствувал минусот и дали има причини за загриженост.

 

Од 85 компании, 50 се со намалена добивка или загуба

Две третини од македонскиот бизнис пулсира во минус во првата половина од годината, покажуваат финансиските извештаи на компаниите што котираат на Македонската берза. Од 85 компании што објавија неревидирани финансиски извештаи за првото полугодие, дури 27 имаат пад на профитот во споредба со истиот период лани, а 23 останале со загуба. Дури и дел од банките бележат полоши резултати по рекордите во 2024 година. Во минус отидоа и компании од прехранбената и од индустријата за пијалаци, а со пад на профитот се мачат и компании од други дејности. Во зелено се фармацијата, градежништвото и нафтениот бизнис.

Полошите финансиски резултати на овие компании во голема мера веројатно се должат на намалените приходи, затоа што билансите на голем број од нив покажуваат и пониски оперативни приходи во првата половина од годината.

Како изгледа сликата на македонскиот бизнис во 2025 година? Анализиравме финансиски извештаи на котирани компании според остварените приходи и профити, односно загуби. На многу позиции свети црвено. Во убедливо најлоша позиција е компанијата ДС Смитс, со годишен пад на профитот од дури – 221 %. Не само што го нема минатогодишниот профит од 10,2 милиони денари, туку оваа компанија бележи и загуба од 22,6 милиони денари во првата половина од годинава. Намалени се и приходите на компанијата, но само за незначителни 3 %.

27 компании се со намалена добивка:

 

Двоцифрен пад на добивката бележат 20 компании. Гранит ја предводи оваа листа со пад на профитот од 84 насто, а градежната компанија има и пад на приходите од 35 насто. Уште поголем пад на приходите имаат Фустеларко Борец и Пелистерка, од 55 насто, а имаат и намален профит за 84 насто, односно 62 насто, соодветно. Слична е состојбата и во РЖ Техничка контрола со намалени приходи за 53 насто и намален профит за 31 насто.

Шест компании имаат едноцифрен пад на добивката, иако, со исклучок на една, сите бележат минимално зголемување на приходите.

 

Најголема загуба има Либерти

Финансиска загуба од работењето во првата половина од оваа година, исто како и во првото полугодие во 2024 година, бележат 23 компании. Најголем дел од нив имаат и намалени приходи од 3 насто до 96 отсто. Во апсолутен износ, најголема е загубата на Либерти АД Скопје од дури 231,8 милиони денари. Оваа компанија во првата половина од 2024 година исто така работела со загуба од 216 милиони денари. Уште осум компании имаат загуба во милиони денари што се мери со двоцифрен износ. 14 компании ја продлабочиле загубата во 2025 година во споредба со 2024 година, а пет компании лани во првата половина имале добивка, додека оваа година се во минус. Тие се: Кристал 1923 АД Велес, Интерпромет АД Тетово, Фруктал мак АД Скопје, Рудници Бањани АД Скопје, и ГД Тиквеш АД Кавадарци.

23 компании се во загуба:

 

Со раст на профитот се 35 компании

Успешно прво полугодие имаат 35 компании коишто имаат раст на профитот од 4 насто до фантастични 664 насто. Рекордот го држи Герас Цунев конфекција од Струмица, иако оствари релативно незначителна добивка од само 275.000 денари. Исто така, конфекцијата го зголеми профитот и покрај намалените приходи за 18 отсто.

Компании со раст на профит во прво полугодие 2025 година во однос на прво полугодие 2024 година

Уште седум компании имаат троцифрен раст на профитот, дури и во услови на намалени приходи кај две компании – Макошпед АД Скопје и Уготур АД Скопје. Двоцифрен годишен раст на добивката во првата половина од годината имаат 15 котирани компании. Оваа листа ја предводи Оилко КДА Скопје со зголемена добивка за 72 отсто.

Во апсолутен износ, најголема добивка во првото полугодие од 2025 година бележи Комерцијална банка, од 2,8 милијарди денари, што претставува раст од 4 насто во однос на првата половина од 2024 година. Следуваат уште две банки, Стопанска банка Скопје со профит од 1,7 милијарди денари (‒ 2 % во однос на првата половина од 2024 година) и НЛБ банка Скопје со 1,6 милијарди денари (‒ 2 %). На четврто место е Македонски телеком со 1,1 милијарда денари (+ 4 %). Со оваа компанија завршува листата на котирани компании со добивки поголеми од една милијарда денари. Во стотици милиони денари се мерат профитите на 11 комапнии, предводени од Алкалоид АД Скопје со добивка од 941,8 милиони денари (+ 7 %).

 

Целата објава на следниот ЛИНК.