Парадоксално или не – изборите се единствено решение


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Системот на техничката влада, кој како така функционираше на почетокот од кризата. почна да се крши. Техничката влада, создадена за една намена, стана дисфункционална за кризната задача. Ситуацијата станува неиздржлива за државата и таа сега може да се разреши само преку избори

 

Понекогаш, во рок од само два месеци треба да се носат одлуки кои се целосно спротивни една од друга. Така е и со изборите. На крајот од март, кога корона вирусот беше во страшен налет во цела Европа изгледаше нелогично, па дури и неприродно, закажаните избори да се одржат на 12 април. Одлуката за нивното одложување беше целосно оправдана. Сега, на 1 јуни, одлуката за понатамошно одолговлекување на гласањето може да ја кутне Македонија целосно на колена. Не се тоа пренагласени стравувања – ситуацијата веќе станува невозможна од неколку аспекти. Политичките партии треба да ја променат реториката и да се соочат со огромната одговорност, затоа што подоцна веќе може да биде предоцна.

Во оваа ситуација, и на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, би требало да им е совршено јасно дека галопирачката бројка на новите инфекции со Ковид-19 ја поткопува самата држава и дека мора да се преземат некои чекори. Многумина сакаат да го поврзуваат францускиот амбасадор Кристијан Тимоние со некаква политичка наклоност, но неговата изјава од неделата за Радио Слободна Европа дека „наша желба е (изборите) да бидат колку што е можно побрзо, за тоа е потребна политичка одлука“ и дека „демократските општества имаат потреба од функционални институции“, ја погодува токму сржта: ако нема функционални институции нема ни демократија. Бидејќи доколку се чека толку многу ќе треба огромно време функционалните институции пак да се изградат.

На сите им е јасно дека здравствениот систем се справуваше добро со пандемијата сѐ додека политиката не се вмеша во приказната. Па дури и техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, функционираше соодветно во кризниот менаџмент. Но кога почна на видикот да се гледа датумот за одложените предвремени избори запците на запчаникот почнаа да се кршат. Неколку работи беа клучни за враќањето на епидемијата – тие и тогаш беа очигледни. Првата беше прогледувањето низ прсти на онаа трансцедентална процесија за Велигден во Бигорскиот манастир. Таму во финална фаза е изградбата на еден култ – оној кон игуменот Партениј (погледнете ги сликите како тој оди по тепих послан од цвеќе по неговиот избор за епископ). Црквата и верниците може да си градат некаков култ кон свои свештеници, но тоа не смее да има одраз врз општеството. Потоа дојде литијската процесија во Струга (исто така, најавена на веб-страницата на Бигорскиот манастир), па реваншистичката реакција на Исламската верска заедница дека веднаш ќе ги отвори џамиите. Па дојдоа ифтарските вечери… Во тој период се случи снимката на Христијан Мицкоски од теретана. Чулев објаснуваше дека нараквиците на обезбедувањето биле „отсјај“ од светлината, Мицкоски една недела подоцна тврдеше декат тоа биле „обоени нараквици“. Па Мицкоски велеше дека не е прифатливо за Рамазан Бајрам да има два или три дена карантин.

И системот на техничката влада, кој како така функционираше, почна да се крши. Техничката влада, создадена за една намена, стана дисфункционална за другата, кризна задача. Турција, каде владее една происламистичка партија, во петокот прв пат отвори само некои џамии за молитва по 74 дена, а ние овде како да сме суперрелигиозни луѓе па поради политички опортунитет немавме сила да ги задржиме храмовите затворени онолку колку што треба за да се запре епидемијата. Наплатата на данокот од вирусот дојде неколку недели подоцна десеткратно зголемен.
Видете што се случуваше само последниве денови – СДСМ го обвинува Чулев дека тој е главен виновник за порастот на новите инфекции поради неговото благо постапување кон прекршувањето на правилата, вчера тоа го направи и директорот на Бирото за јавна безбедност, за потоа да следат редица реакции на повеќе новопоставени началници од општините како своевидни изјави за заклетва кон техничкиот министер, како тој да е командант на некаква римска легија. Тоа веќе е двоглавие во клучното министерство, а со тоа и во Владата. Работите ќе стануваат сѐ понеподносливи за државата – мнозинството во Владата ќе може да ги поткопува мерките на министерот за внатрешни работи, а во исто време, Министерството за внатрешни работи ќе го работи спротивното – може да ги поткопува мерките на Владата за справувањето со епидемијата. Резултатот веќе се движи кон институционален хаос.

Двете главни партии треба да излезат од својот реторички шинел и да преземат одлуки, за после преземениот ризик да не биде бесмислен. Македонија донесе три сета мерки за да ги ублажи економските последици. Прашање е дали ќе може да носи нови и да се задолжува со нови стотици и стотици милиони евра, кога тие ќе бидат изедени уште пред да стигнат, па целата економија, поради неможноста преку парламентот да се конципира одговорот на државата, да колабира. Да не зборуваме за здравствените последици. На техничката влада може да ѝ даваме уште многу пати мандат преку вонредната состојба, но на еден таков кабинет можностите му се ограничени. Како што вели Тимоние околу поставувањето на преговарачката рамка на ЕУ: „Европските дипломати имаат потреба од соговорник. Потребен им е легитимен соговорник, но и функционална администрација која тесно ќе соработува со легитимна политичка власт, а на европските дипломати во овие околности особено им се неопходни одлуки“. Таква легитимна политичка власт во Македонија, која ќе носи неопходни одлуки, во овој момент нема. Има легитимна техничка влада, но таа го нема легитимниот политички капацитет.

Некои велат дека ВМРО-ДПМНЕ би сакала работите да се движат што е можно полошо (па дури и да пропадне остварувањето на преговарачката рамка) за да може да поентира на изборите. Можеби е така, но тоа би било исклучително кусогледа и катастрофична стратегија, која државата ќе ја врати неколку години назад по тешките жртви да влеземе во европската зграда. Тоа за партијата ќе биде максимална пирова победа – успех кој потоа ќе донесе многу порази. Пропуштеното сега тешко ќе може да се надокнадува подоцна, па и на чело на државата да биде вмровска влада. Вмровските првенци сакаат да ја споредуваат македонската состојба со словенечката (како и голем дел од граѓаните) и успехот на владата во Љубљана да му го припишуваат на десничарот Јанез Јанша, кој стана премиер на 13 март, во време кога таму веќе беа воведени силни рестрикции поради корона вирусот. Јанша не зборуваше дека не го сака мандатот за да брои заразени и починати (како што зборува Мицкоски), туку дека сака да ја реши кризата за да нема заразени и починати. Но на власт можеше да дојде само откако партијата на сегашниот министер за здравство го смени дресот, го напушти кабинетот на премиерот Марјан Шарец и му се приклони на Јанша. Неколку пати овој месец во Љубљана имаше демонстрации против Јанша на кои учествуваа повеќе илјади граѓани сите на велосипеди или скејтборди и сите се движеа на прописно растојание. Овде пред некој ден потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски, велеше дека граѓаните на првиот ден кога беа отворени рестораните се веселеле (па дури и качени на маси со музика) затоа што во „ресторани одат да се развеселат, ако сакаат нешто сериозно ќе одат на опера“.

Во Словенија беше забрането да се патува од една општина во друга, овде се зборуваше за некакво масовно кршење на човековите права со полицискиот час. Во скопски Чаир, каде е новото силно жариште, луѓето се шетаат како да ја нема короната, па дури тврдат и дека тоа е лага. Ете ја разликата – кога сакаш да се водиш од политичкиот опортунитет данокот пристигнува. И сето тоа поради институции кои, во основа, сега функционираат со многу мал капацитет.

Затоа е неопходно да се оди на избори, кои ќе се подготват на начин кој ќе го сведат ризикот на минимум (иако не можат да го отстранат). СДСМ треба да ја смени својата реторика и решително да објави дека изборите ќе мора да се одржат, па макар на нив опозицијата и да не оди во кампања (таа е веќе на гласачкото ливче) и ако треба после можат да се одржат уште едни избори за шест или десет месеци. Затоа што функционирањето на државата е веќе разнишано и некој мора да ја преземе одговорноста. И токму затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да ја смени реториката и да почне да зборува дека државата не смее да крахира и дека партијата е подготвена да ја води земјата во кризниот и посткризниот период. Со таков приод вмровците може да се надеваат и на победа. Со ваквата состојба – не може ова, не може она, де роковите за ДИК биле куси, де просториите за избирачките одбори биле тесни, де не можел навреме да се прочисти избирачкиот список, па еден уставен експерт вели едно, друг друго… де ова, де она. На тој начин и економијата и здравјето на државата се поткопува.

Ако мислат партиите дека граѓаните сакаат да ги гледаат оние секојдневни надмудрувања и викотници на телевизиските дебати се во голема заблуда. На тој начин партиите само се оддалечуваат од граѓаните во ова време на големи неволји и грижи. Дебатата е едно, но лидерството е друго. Едно лидерство презема ризик, а не се крие зад објаснувања кои сите ги знаат. Едно лидерство треба да преземе храбри чекори, а не да зборува работи кои луѓето сѐ помалку ги слушаат, а веќе им стануваат и здодевни. Изборите ќе помогнат да се реши оваа лимбо ситуација, па новата власт со полн легитимитет ќе може да биде оценувана дали успеала или не, а потоа ако треба и брзо да се смени, бидејќи сега институциите не функционираат како што треба, иако се функционални.