Папата Франциск замина – историска посета со пораки за мир, соживот и љубов


Папата Франциск , вечерва во 18:20 часот, со специјален лет замина од Скопскиот аеродром, завршувајќи ја еднодневната посета на Република Северна Македонија. На аеродормот папата го испратија претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи, градоначалникот Петре Шилегов.

За време на престојот во Скопје се сретна со државниот врв, со верските поглавари и одржа литургија на Градскиот плоштад.

Папата Франциск пристигна утрово околу осум часот. На Скопскиот аеродром беше пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, но и на традиционален македонски начин, со леб и сол. Од Аеродромот се упати кон вилата „Водно“ каде, освен средби со шефот на државата и премиерот, имаше и кусо обраќање.

Понтифот потоа замина во Спомен куќата на Мајка Тереза на средби со поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан, како и со поглаварите на Исламската верска заедница Сулејман Ефенди Реџепи, на Евангелско-методистичката црква Михаил Цеков и на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ.

Попладнево, пред да замине, одржа и екуменска и меѓурелигиска средба со млади во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.

Папата Франциск, кој е првиот поглавар на Римокатоличката црква што ја посетил државава, од вилата „Водно“ порача дека Република Северна Македонија е мост меѓу Истокот и Западот, место каде се среќаваат голем број културни струи и олицетворение на карактеристиките на регионот.

На мисата на плоштадот „Македонија“, пак, што ја следеа 15.000 верници од државава и странство, упати пораки за мир, соживот и за поголема љубов кон Бога и кон луѓето.

На плоштадот дојде со т.н. „папамобил“.

Историската посета на папата Франциск ја следеа 250 домашни и повеќе од 100 странски медиуми. Неговиот престој се совпадна со јубилејот, 25 години од воспоставувањето дипломатски односи со Ватикан.