Никола Пановски: Криењето на резултатите за водата во Гостивар е кривично дело
Сме слушале многу глупости во времето на ковид, но ваков егземплар не сме слушнале уште, вели микробиологот Пановски
Професорот Никола Пановски за „Слободен печат“ вели дека тоа што Обвинителството и здравствените власти – ИЈЗ и Министерството за здравство знаат какви се резултатите од испитаната вода во Гостивар а не ги кажуваат, претставува кривично дело, бидејќи на таков начин, според професорот спречуваат да се лекуваат граѓаните. Според него, јавното здравје, па дури и здравјето на само еден човек, е поважно од сѐ.
„Тоа е кривично дело. Замислете една ситуација: Лежи пациент во болница, има некое труење. Болницата не ги направила тестовите по протокол, но ОЈО се сомнева во некој причинител и наредува да се направат лабораториски тестови. Потоа ОЈО не им кажува на докторите резултатите бидејќи трае истрагата, пациентот починува. Завршува истрагата и се покажува дека доколку докторите го знаеле причинителот, ќе му го дале на пациентот вистинскиот лек и ќе го спаселе. Секоја поврзаност со настанот во Гостивар е намерна“, вели Пановски.
Тој вели дека е запишан на Медицинскиот факултет од 1973 година и првпат слуша ваква како што ја нарече „глупост“.
„Сме слушале многу глупости во времето на ковид, но ваков егземплар не сме слушнале уште. Во град од илјадници жители како Гостивар, водата според закон треба да се проверува барем еднаш дневно. Што прави ИЈЗ во врска со тоа? Зарем само испитувањата нарачани од ОЈО ги има? Кога има епидемија или голем број на случаи во болниците, тогаш епидемиолозите треба да земат примероци од болните и да се открие причинителот. Сега ни кажуваат дека зеле 12 примероци од 1.500 пријавени. Тоа е занемарлива бројка. Требало да земат барем 100 примероци од болните и да работат лабораториите да се испитува што се случува со пациентите. А не вака, да се кажува дека ОЈО нарачало и негово било да се кажат резултатите. А, здравствените власти немаат свои примероци? Причинителот не се бара во водата, туку се бара внатре во организмот на пациентот. Така што спречување лекување пациенти е кривично дело бидејќи здравјето е на прво место на второ место е било што друго“, изјави Пановски за „Слободен печат“.