Пак дојава за бомба, евакуирани учениците од девет средни училишта во Скопје
Учениците во втора смена од средното училиште „Владо Тасевски“, но и „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Марија Кири“ во Скопје ги напуштаат училиштата по дојава за бомба.
Полицијата е веќе на терен, а улиците во центарот на Скопје, како и во Аеродром и другите општини се празни.
– Денеска во СВР – Скопје, околу 14 часот, е пријавено дека на мејл адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат од МВР, за „Независен“.
Вчера дојави за бомби имаше во осум училишта во Скопје кои беа детално проверени и се покажа дека се работи за лажна дојава.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.
– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. -Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на Националната телевизија.