Паѓа поддршката за владата на Петков, ГЕРБ на врвот


Ако сега има избори во Бугарија во Парламентот ќе влезат  8 формации, меѓу кои и новата партија на Стефан Јанев, која е шеста политичка сила со 7,6 отсто од гласовите. Најновата анкета на „Тренд“ покажува нов пад на поддршката за владата на Кирил Петков. 

Така,  во април позитивната оценка на владата беше 27%, додека овој месец веќе е 22%. Речиси сите приврзаници на „Промените продолжуваат“ ја поддржуваат владата, додека поддржувачите на другите партнери од владејачката коалиција се поколебливи.

На пример, кај Демократска Бугарија доминираат позитивните оценки за владата, но близу 40 отсто од нив имаат негативна оценка. Во случајот со БСП, односот е во корист на негативните оценки. Избирачкото тело на „Има таков народ“ е најоддалечено од кабинетот во однос на поддржувачите на другите партнери.

Претседателот не забележа никаква динамика во однос на претходниот месецов. Позитивните оценки за неговата работа се 50%, додека негативните 40%.

ГЕРБ (23,8%) ја задржува водечката позиција, а нивната дистанца со „Промените продолжуваат“  (17,5%) се зголемува поради континуираната ерозија на поддршката на главната владејачка формација. Партијата на Турците ДПС ги одржува традиционалните нивоа од скоро 11%. Под бариерата, но над процент поддршка се „Стани, Бугарија“ со 2% и ВМРО со 1,5% поддршка од гласачите. 

Според анализите објавени од БГНЕС, во наредните недели е многу важно владата на Кирил Петков да се обиде да покаже поинаков стил на владеење.

„Првиот тест ќе биде оваа недела- ако владата ги гледа протестите како влијание на Путин, како обид на проруската пропаганда да ја уништи владата, тоа не е плодна одлука. Многу е важно да се види како ќе реагира владата, дали ќе се обиде да бара дијалог со демонстрантите или ќе се обиде да ги избегне. Ова ќе биде првиот стрес тест, а последен ќе биде ажурирањето на буџетот. Доколку во моментот не се преземе многу решителна и брза акција, ажурирањето може да ја разнесе владејачката коалиција одвнатр“, анализира БГНЕС.

„Румен Радев се обидува да направи уште еден маневар, но ова не е „кобрата на Пугачов“ за  повторно да застане на страната на демонстрантите. Се соочуваме со ситуација во која ова владејачко мнозинство има критично краток временски период за да може да го промени  начинот на кој функционира, само три месеци. Ако сега се подготвени  јасно да испланираат што сакаат да постигнат во следните 100 дена, како ќе го направат тоа, како ќе преговараат, со кого ќе преговараат, чија поддршка ќе бараат, би можеле да го избегнат ризик од предвремени избори до крајот на оваа година. За жал, изминативе денови не видомев никакво движење во оваа насока“, стои во анализата.

Според неа, социјалниот дијалог во земјата останува блокиран и од него се незадоволни подеднакво и работодавачите и синдикатите. 

„Пред сè, мора да излеземе подалеку од хоризонтот на пропагандната агресија на Руската Федерација кон Бугарија и кон Европа воопшто. Ова значи да се признае едноставниот факт дека не постои Русија. Русија не постои како држава од 1917 година. Ја имаме Руската Федерација. Режимот на Путин направи се за да спои три слики во една. Сликата на царска Русија, СССР и нејзиниот сопствен режим, обединувајќи ги под заедничкото име Русија. Во моментот кога велиме Русија, веќе сме на хоризонтот на оваа пропаганда и тешко е да се излезе од таму“, се оценува во анализата, во која се посочува лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, како некој што треба да  излезе од орбитата на про-Кремљска пропаганда.

„На повикот за депутинизација мора да се гледа прилично позитивно. Ова е обид да се направи план, да се направи јасна програма, што е исклучително важно за опстанокот на актуелната власт. Оваа програма не смее да дозволи бугарската влада да стане таква олигархија. Со други зборови, односот кон режимот на Путин, кон Руската Федерација, кон војната во Украина е само површен слој. Ако не сме подготвени да ги нападнеме темелите, ако не сме подготвени да го промениме начинот на кој се генерира овој тип на режим, порано или подоцна веројатно ќе се соочиме со длабоко неодржлива дилема дали да го налутиме таквиот режим или не“, стои во анализата, според која односот кон Русија и Укрина ја тресе повеќе владата на Петков од спорот со Македонија.