Падот на технолошкиот сектор го „притисна“ Вол Стрит
На Волстрит во четвртокот, цените на акциите паднаа нагло, главно во технолошкиот сектор, бидејќи деловните резултати на компаниите не се импресивни и затоа што инвеститорите стравуваат дека натамошното ширење на коронавирусот во САД ќе го забави економското закрепнување.
Индексот Дау Џонс се намали за 353 поени или за 1,31 отсто на 25.652 поени, додека С & П 500 падна за 1,23 отсто, на 3.235 поени, а индексот Насдак падна за 2,29 проценти, на 10.461 поени.
После четири дена раст, С & П 500 падна нагло во текот на вчерашниот ден, бидејќи осум од 11-те најважни сектори на индексот завршија во црвената боја, при што највисоко паѓаа цените на акциите во технолошкиот сектор.
Акциите на „Епл“ и „Мајкрософт“ паднаа повеќе од 4 проценти, а се нагло намали и вредноста на акциите на „Амазон“, „Тесла“…
„Има голем диспаритет помеѓу растот и пазарната вредност, така што стеснувањето започна“, вели Стивен Масока, потпретседател на „Ведбуш секјуритис“.
Инвеститорите исто така се загрижени за понатамошниот раст на бројот на нови инфекции со коронавирус. Во Соединетите држави тој број вчера достигна 4 милиони, а бројот на загинати се зголеми за повеќе од 1.000 трет ден по ред, така што вкупниот број на жртви на овој вирус достигна 144 илјади.
Поради тоа некои држави го забавуваат процесот на рестартирање на економската активност, така што инвеститорите се плашат од побавно закрепнување отколку што се надеваа до неодамна.
Тоа се одрази и врз пазарот на трудот каде што состојбата не се подобрува толку брзо како што се очекуваше. Минатата недела, бројот на барања за бенефиции за невработеност неочекувано се зголеми за 1,4 милиони, покажаа податоците од Министерството за труд.
Бидејќи некои од вонредните мерки за да им помогнат на оние што ги загубија своите работни места истекуваат на крајот на месецот, на Конгресот се расправа за новиот пакет помош вреден над 1.000 милијарди долари.
Инвеститорите се надеваат дека демократите и републиканците наскоро ќе се договорат за нови стимуланси.
Инвеститорите се фокусираат и на кварталните деловни извештаи на компаниите. Од 113 компании во индексот С & П 500 кои досега објавија извештаи, околу 77 проценти оствариле повисока заработка од очекуваната во вториот квартал.
Но, очекувањата се мали. Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите од индексот С & П 500 во вториот квартал е помала за 41 процент во однос на истиот период минатата година.
Иако се очекува остар пад на заработките и длабока рецесија во американската економија, индексот С & П 500 е само околу 5 проценти под неговото рекордно ниво, достигнато кон крајот на февруари. Ова е благодарение на невидени фискални и монетарни стимулативни мерки, кои треба да го поддржат излезот на економијата од рецесијата во блиска иднина.
И на европските берзи индексите вчера стагнираа. Лондонскиот ФТСЕ зајакна 0,07 отсто, на 6.211 поени, додека индексот Дакс (DAX ) на берзата во Франкфурт се намали 0,01 отсто, на 13.103 поени, а Парискиот ЦАЦ 0,07 отсто, на 5.033 поени.