Оживеа градот на духови – туристите се враќаат во Венеција
Властите во Италија донеле одлука за попуштање на епидемиолошките мерки за подрачјето на Венеција, со што еден од бисерите на италијанскиот туризам повторно оживеа.
Тоа го потврдуваат и првите поголеми групи туристи во овој град.
Според новата одлука, баровите, рестораните во Венеција може да останат отворени без временски ограничувања, што е голема работа со оглед на тоа дека ограничувањата за работа на угостителските објекти беа на сила од октомври 2020 година.

Мерките, како носење маски и физичко растојание, остануваат на сила, додека останатите мерки во потполност се укинати. По долго време, укината е и одлуката за полициски час, што венецијанците особено го поздравија.
Попуштањето на мерките донесе и нова надеж за туристичките работници и граѓаните на Венеција, која во наредниот период очекува прилив од гости.
„Почнавме со работа, се надеваме на успешна сезона“, вели Џино Диамброзио, жител на Венеција.
Пред пандемијата, Венеција привлекуваше и до 30 милиони туристи годишно од целиот свет, а пандемијата која ја зафати планетата го претвори градот што инаку не може да се замисли без туристи – во град на духови.
Italy eased COVID-19 restrictions in Venice, declaring the tourist hotspot a restriction-free zone where only masks and social distancing is required. It also scrapped an evening curfew allowing people to stay out late for the first time since October pic.twitter.com/ql8tmvUixV
— Reuters (@Reuters) June 7, 2021
„Венеција е тажна без туристи“, вели Тицијана Алтерино која живее во овој град.
Италија од почетокот на пандемијата на корона вирус забележа повеќе од 126.000 смртни случаи. Меѓутоа, како напредува кампањата за вакцинација против корона вирусот, така и италијанските власти ги ублажуваат мерките во цела земја.
Венеција, поточно регионот Венето, прогласен е за „бела зона“ со уште три региони за кои се смета дека претставуваат подрачја во кои се бележи низок ризик од зараза од корона вирус. Останатите региони во моментот се во „жолта зона“.