Овошјето и зеленчукот запленето во акцијата на Кванташки, донирано на повеќе установи
По завршување на координираната акција на Кванташкиот пазар, запленетите количества овошје и зеленчук беа донирани во установите каде што е најнеопходна ширум земјава, соопштија од Агецијата за управување со одземен имот. За прв пат се случува запленетата роба во истиот ден да биде донирана до институциите, се вели во соопштението.
Донации од запленетите овошје и зеленчук предадовме во ЈУДД „11 Oктомври“ – Скопје, Државно училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална терапија и медицинска рехабилитација – Скопје, Здружение за слепи лица – Куманово, Ј.З.У Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ – Скопје, Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и во КПУ Идризово.
„Изразуваме благодарност до сите надлежни институции за дадената поддршката и цврстиот став за решавање на проблемот со високите цени на производите. Се работи за доброто на граѓаните и секое заобиколување на законите ќе се санкционира, затоа што системот мора да функционира во целост со доследно почитување на законските прописи“, истакна директорот Дритон Небиу.
Вчера Државниот пазарен инспекторат спроведе акција заедно со Управата за финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи, во која што беше запленато одредено количество овошје и зеленчук.