„Овде не сме дојдени да го жалиме Џамбазов, туку да ја славиме неговата музика“. Концерт во чест на Александар, големиот композитор и човек
„Тој беше Џим Кери за тоа време. Овде не сме дојдени да го жалиме Џамбазов, туку да ја славиме неговата музика“, рече Игор Џамбазов синоќа во Филхармонија на концертот во негова чест, „Омаж на маестро Александар Џамбазов“, кој го организираше СОКОМ во рамките на Денови на македонска музика.

Џамбазов не пишувал само популарна и детска музика туку сериозни дела за симфониски и за ревиски оркестар, кои ги изведоа музичарите од Филхармонија, а диригираше Џијан Емин.
Седумте танцови варијации за пијано и симфониски оркестар кои Маестро Џамбаз ги создал во 1977 година, како солист на пијано заедно со оркестарот ги изведе Елена Атанасовска-Ивановска,г слушнавме и „Реминисценција за ревиски оркестар“, „Југосаунд“ за ревиски оркестар, „Балада за Шпато“ за ревиски оркестар , „Марциале малигано“ за ревиски оркестар и секако „Рапсодија за Скопје“, која како солист на пијано ја изведе Иво Настевски. Ана Костадиновска и Сара Пројковска беа важен дел од концертот, како придружни вокали.