Ова се трите најбогати жени во светот


Кои се најбогатите жени во светот, како станаа членки на таа елитна група и на што ги трошат своите пари, се прашањата на кои ќе се обиде да одговори овој напис.

Да почнеме со лошите вести – за жал, ниту една од овие жени не се најде на оваа листа благодарение на нивната работа, имено, сите тие го наследија најголемиот дел од своето богатство или од предци или од поранешни сопрузи. Добрата вест е дека тие се свесни дека со нивната позиција доаѓа одредена одговорност, па тие трошат дел од своето време и богатство на хумани цели.

Треба да се напомене дека редоследот на богатите жени подолу можеби не е точен, бидејќи нивното вистинско богатство е тешко да се процени, така што износите што ќе ги видите се прикажани во одреден опсег, пренесува Банкар.ме.

1. Мекензи Скот

Проценето богатство: од 63 до 67 милијарди долари

Мекензи Скот се збогати со најскапата тужба за развод во историјата на човештвото. Откако најбогатиот човек на светот, Џеф Безос (основачот на Амазон проценет на над 180 милијарди долари), ја изневери по 25 години брак, Мекензи со разводот „заработи“ акции на Амазон во вредност од 38,3 милијарди долари. Бидејќи вредноста на акциите значително се зголеми благодарение на корона кризата, нејзиното богатство сега се проценува помеѓу 63 и 67 милијарди долари. Минатата година, таа се приклучи на иницијативата The Giving Pledge на Бил и Мелинда Гејтс, во која ултра-богатите ветија дека ќе донираат половина од своето богатство на хуманитарни организации, ббило за време на животот или преку тестамент. Засега, нејзиниот филантропски фокус е насочен кон здруженијата што ги поддржуваат ЛГБТ заедниците, родовата еднаквост и борбата против климатските промени.

2. Франсоаз Бетенкур-Маерс

Проценето богатство: 65 до 65 милијарди американски долари

Долгогодишната лидерка на листата на најбогати жени, Франсоаз Бетенкур-Маерс, според индексот на Блумберг, падна на второто место на оваа престижна листа на почетокот на септември. Нејзиното семејно богатство започна да се акумулира на почетокот на 20 век кога младиот хемичар Јуџин Шулер разви формула за боја на коса која ја нарече Ореал. Останатото е историја, групата L’Oréal денес е конгломерат за козметика со големо портфолио од познати брендови како Гарние, Кил, Ив Сен Лоран и Ланком, а мнозински сопственик е внуката на Шулер, Франсоаз Бетенкур-Маерс. По ужасниот пожар во кој беше уништена париската катедрала Нотр Дам, таа донираше огромни 226 милиони долари за нејзиното обновување.

3. Алис Волтон

Проценето богатство: 61 до 67 милијарди долари

Откако во 1992 година наследи акции во Волмарт од нејзиниот татко Сем Волтон, кој го основаше популарниот синџир супермаркети 30 години порано, Алис се приближи до самиот врв на листата на најбогати жени во светот. Живее во Тексас опкружена со своите коњи и вредна уметничка колекција, а поголеми хуманитарни донации не ѝ се познати на јавноста.