Ова место во Турција е прогласено за најповолно летувалиште за семејства: Ручекот за четири лица чини помалку од 80 евра

Со вкрстена проверка на трошоците за 10 ставки, беше откриено дека Мармарис во Турција е најприфатлив за семејно патување, по што следува Сончев Брег во Бугарија, а Алгарве во Португалија е на третото место.
Мармарис, популарно одморалиште на медитеранскиот брег на Турција, е прогласено за најдобра дестинација за одмор во овогодинешниот годишен извештај за семејни одмори на Поштата.
Спроведен во соработка со туристичката агенција ТУИ, извештајот ги разгледува трошоците во 16 европски одморалишта, споредувајќи ги цените за вкупно 10 туристички потреби, вклучувајќи вечера, крема за сончање и разни пијалоци.
За Мармарис, кој годинава го освои „златниот медал“, збирот на овие ставки беше 128,99 фунти, што е 148,97 евра. Посетителите на одморалиштето можат да обезбедат семеен оброк од три јадења (вклучувајќи вино) за нешто помалку од 80 евра. Исто така, погодно е да се испие шолја кафе (2,30 евра) и да се купи средство против инсекти (3 евра).
На Сончев Брег во Бугарија, втората најприфатлива дестинација наведена во извештајот, вкупната цена изнесувала 129,47 (149,52 евра) – придонесено од цените на флаширано пиво (2,70 евра) и шолја кафе (2,17 евра).
Португалскиот Алгарве го освои третото место втора година по ред, додека Пафос на Кипар го освои четвртото место.
Од друга страна, Ибица повторно беше оценета како најскапо одморалиште од сите 16 испитани, со вкупни трошоци од 242,79 фунти – околу 280 евра, речиси двојно повеќе од Мармарис.
Како што пишува „Дејли меил“, и покрај зголемувањето на цените од 10,3 проценти од јули 2024 година, слабата турска лира – која достигна рекордно ниско ниво во однос на фунтата во март 2025 година – несомнено придонесе за прифатливоста на Мармарис.
Извештајот за семејни одмори на Поштата покажа дека цените се зголемиле во 13 од 16 дестинации, а најголемо зголемување на цените е забележано на Мајорка, каде што вкупната цена се зголемила за 21,4 проценти. Спротивно на тоа, Ланзароте и Крит забележале намалување од 2,1 процент.