„Ова е сечие тело“: Кјара Ферањи со голиот фустан испрати моќна порака на Сан Ремо


Италија– „Телото на жената не смее да предизвика омраза и срам“ – во фустан кој го симулира нејзиното голо тело и гради, но и во бел фустан на кој со црни бисери се извезени навредите што секојдневно ги добива на социјалните мрежи, италијанската инфлуенсерка Кјара Ферањи упати силна порака за време нa нејзиното обраќање на славниот фестивал на италијански ноти Сан Ремо.

Ферањи се појави на 73-тото по ред издание на италијанскиот фестивал Сан Ремо, а двете вечери носеше креации на Диор.

Кјара се појави во гол фустан кој целосно го симулира голото тело на инфлуенсерката, а оваа креација беше наречена „бесрамен фустан“.

Таа одржа моќен говор во кој се обраќа до себеси кога била мала, па порача:

„Телото на жената никогаш не смее да предизвика омраза или срам. Здраво малечка. Одлучив да ти напишам писмо, а секојпат кога мислам на тебе ми се плаче, можеби затоа што ми недостасуваш, а можеби затоа што сакам да те поканам да видиш каква сум денес. Убаво е чувството кога голем број луѓе ти се восхитуваат, но, знаеш, не ме сакаат сите луѓе.
Сакаш да знаеш нешто за иднината? Отсекогаш се трудев да те направам горда.
Сѐ што направив, направив за тебе, за малото девојче што некогаш бев и во сѐ што правев постоеше мислата дека тоа не е доволно.
Сакам да ти кажам дека треба да знаеш дека ти си доволна, секогаш си била па дури и тогаш кога не си се чувствувала како доволно добра, доволно силна, доволно убава, тогаш си била таква.


Најголемите предизвици се во нашите глави и со самите себе. Уживај во ветрот, уживај во миговите, плачи, налути се, викај ако мораш.
Еден пријател ми рече дека никој не сака да оди на рамен ролеркостер. Живеј без страв дури и кога стравот ќе те обземе толку многу пати, што нема да знаеш кој пат е по ред, но ако нешто те плаши, тогаш сигурно е вистинското…“

Нила Пици – 1951 година, Ерос Рамацоти – 1986 година, Ана Окса – 1999 година, трио “Ил Воло” – 2015 година, група “Манескин” – 2021 година и Мамуд – 2022 година – ова се само дел од многуте победници на фестивалот, препознатлив  по канцоните и светските ѕвезди како гости.  Годинашново 73. издание на фестивалот ќе трае до 11 февруари во театарот „Аристон“. По четирите вечери, големото финале ќе се емитува во сабота . Водителот на вечерта, како во претходните години е популарниот италијански водител Амедео Умберто Рита Себастиани, попознат како Амадеус, кому на сцената ќе му помага познатиот пејач и актер Џани Моранди.

Меѓу 28-те натпреварувачи се и Ана Окса со песната „Sali (Canto dell’anima)“, Марко Менџони со песната „Due vite“ и уметникот Madame, кој ќе ја изведе песната „Il bene nel male“. Во финалето повторно ќе ги слушнеме сите 28 авторски песни, а само пет ќе влезат во суперфиналето со гласање на публиката. До крајот на финалната вечер публиката повторно ќе гласа и ќе го одреди победникот.

Фестивалот „Сан Ремо“ послужи како инспирација за создавање на популарниот музички натпревар „Евровизија“. Така годинешниот победник на „Сан Ремо“ ќе има можност да замине во Ливерпул, каде ќе одржи натпревар за најдобра песна на Европа.

Групата „Манескин“, која победи на фестивалот „Сан Ремо“ во 2021 година со песната „Zitti e buoni“, беше и претставник на Италија на Евровизија и и донесе победа на својата земја. Годинава „Манескин“ ќе гостува и ќе претстави дел од песните од новиот албум.