Ова е народната песна која Тито, наводно, лично ја забранил. Беше хит, но премногу е тажна


 

Песната за која се раскажуваат најразновидните приказни и урбаните легенди на просторите на поранешна Југославија е народната песна „Белите дробови ми се болни“ (Pluća su mi bolna), чиј автор е Драгиша Недовиќ.

Оваа тажна балада е компонирана во 1950 година и ја отсликува личната борба на поетот со туберкулозата и чувството на неизбежна пропаст. Сепак, таа е прилично тешка и емотивна, па поради тоа за неа се раскажуваат интересни поп-културни приказни кои никогаш не биле целосно потврдени.

Една од урбаните легенди се поврзува со Јосип Броз Тито, Јованка и поранешната држава, затоа што наводно песната била забранета од комунистите. Се сметаше за една од најтажните и најдепресивните песни напишани на овие простори.

Легендата вели дека била забранета во цела Југославија за слушање. Звучи како грижа за менталното здравје, но не е баш така, пишува српски „Недељник“.

Според оваа урбана легенда, за која нема конкретни докази, причината поради која Партијата донела ваква одлука е зголемувањето на бројот на самоубиства во СФРЈ.

Според податоците од публикацијата на Сојузното биро за статистика: Витална статистика, односно „Демографска статистика“, бројот на самоубиства во Југославија значително се зголемил од 1950 до 1957 година. Забележано е дека имало 1.660 самоубиства во 1950 година, а во 1957 имало 2013.

Затоа самиот Тито наводно ја забранил оваа песна, а објаснувањето било дека песната е тажна и лошо влијае на луѓето, толку многу што луѓето кревале раце врз себе поради неа. Плочата со песната е повлечена од продажба и секаква нејзина изведба е забранета.

Забраната траеше речиси десет години, додека неочекувано беше прекината на една прослава. Иницијативата за повторна изведба ја покрена ни помалку ни повеќе туку Јованка Броз, сопругата на Јосип Броз Тито, а песната ја отпеа легендарната Нада Мамула. Тој момент го означи крајот на забраната и враќањето на песната во јавниот живот.

Според една теорија, иако вистинската причина не е утврдена, се вели дека во тој период боледувала од туберкулоза и затоа ја побарала токму оваа песна. Од тој момент беше укинато ветото на песната.

Според друга теорија, Јованка Броз со нарачувањето на таа песна сакала да му даде до знаење на Тита каква е нејзината психичка состојба во тој момент, но сепак таа теорија не држи вода.

Текстот на песната зрачи со длабока тага и чувство на неизбежен крај:

„Pluća su mi bolna, zdravlja više nemam

Jer su sasvim blizu, moji zadnji dani

Živeću još danas, a možda i sutra

A onda zauvek, zbogom moj živote“

Оваа потресна балада најпрво ја сними Заим Имамовиќ, а подоцна ја изведоа Нада Мамула и Бора Спужиќ Квака.