Ова е напаѓачот од Плимут: Мрази жени, го сака Трамп
Синоќа во нападот во англискиот град Плимут со пукање од огнено оружје убиени се пет луѓе, а британските медиуми јавуваат дека Џејк Дејвисон, момче во своите дваесетти, е убиецот.
Полицијата соопшти дека напаѓачот е пронајден мртов на местото на пукотницата и дека имал прострелна рана. Идентитетот на напаѓачот сѐ уште не е официјално потврден.
Пријателите биле загрижени за неговото ментално здравје
Иако живеел во Плимут, на неговата Фејсбук страница е наведено дека по потекло е од американскиот град Феникс.
На социјалните медиуми го поддржувал Доналд Трамп, а споделувал и бројни статуси за истражување на вселената.
Наводно работел за фирмата „Бабок интернационал“, која во април најави откази за илјада свои вработени.
Многумина кои коментираат на неговиот профил, а кои тврдат дека го познавале, пишуваат дека биле загрижени за неговото менталноз дравје, а се спомнува и неодамнешната борба со рак во неговото семејство.
Бил опседнат со американската култура за оружјето
„Сан“ пишува дека Дејвисон е десничар кој е опседнат со американската култура за оружјето.
Неговиот фејсбук е преполн со американска пропаганда, како слики од орел пред знамето и слики од статуата која прикажува колонијален земјоделец кој држи пушка.
Дејвисон има и страница на Јутуб на која зборува за својот пропаднат љубовен живот.
Ја следи интернетската група Инсел ТВ, за поддршка на луѓе во „несакан целибат“, која се карактеризира со мизогонија и теорија за надмоќта на мажот.
Во едно видео Дејвисон вели: „Толку пропуштив како тинејџер, се надевам дека тоа ќе можам да го надокнадам… Не го заговарам ова, но ако морам, можеби би се обидел да употребам дрога за да надокнадам, можеби секс на кокаин или нешто слично, можеби тоа би можело да го надокнади пропуштеното тинејџерско искуство“.
Пред само две недели, Дејвисон зборува за тоа како е тешко „да се има волја“ кога „животот никогаш не ве наградил“. На други видеа се жали дека е невин, а за себе зборува како за машина за убивање.
Четири лица загинаа на местото на пукањето, а едно во болница
Се појавија информации дека меѓу жртвите се и родителите на напаѓачот, но ова не е официјално потврдено. Имињата и староста на жртвите не се објавени, но локалниот застапник Лук Полард вели дека едно од убиените е дете „помладо од 10 години“.
Во непотврдени извештаи на сведоците се наведува дека меѓу жртвите биле и маж погоден во стомакот и постара жена.
Меѓу убиените наводно се и две лица кои ги шетале кучињата.
Четири лица починаа на местото на пукањето, а едно во болница, објавува Би-би-си.
Прво се слушнало викање, а потоа пукање
Еден очевидец на социјалните мрежи напиша: „Во мојата улица дивее тип со вистински пиштол и веќе застрела две лица. Лежат на земја. Едниот е мртов – крв на сите страни. Се тресам како лист“.