Ова беа наши деца, а ги убивме
Колку посилни се уверувањата дека „никој нема да се спаси“, толку е појасно дека со „робусната акција“ треба да се спасат тие што се високо во власта и се најодоговорни
„Ова беа наши деца“.
Со овие зборови градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, поднесе оставка, за да може без срам да излезе на улица и да ги погледа во очи сограѓаните, откако не го видел она што го виде цела Македонија од една фотографија – дека со години пред нос му функционирала „дискотека“ што сите без двоумење ја нарекоа штала, за која од авион се гледа дека не исполнува никаков стандард и дека е локално дувло на корупција и јавашлак.
Да ѝ погледне во очи на девојката која, како што рече, изгубила дваесет свои од блиското опкружување, на двете деца на самохраната мајка, на обезбедувачот што му загинал братучедот, му загинала внуката и му загинало комшичето, на таткото што ја најде едната ќерка во болница а другата умрена и на девојчињата и момчињата со осакатена иднина што сѐ уште борат да преживеат. Да може да му одаде почит на бендот што си отсвири реквием, иако можеше толку многу убавина да даде во Македонија. Да може да излезе во градот во кој сите плачат и да се обиде некој да му поверува дека нема никаква вина за тоа што им се случува.
Папазов е првата непланирана жртва на оваа импровизација од држава, откако беше лансирана „робусната акција“ чија цел е да се најдат што повеќе „ситни риби“, кои ќе ја платат цената за најголемата трагедија во Македонија од независноста. Колку се посилни изјавите и најавите дека „ќе го поразат корумпираниот систем“, колку се подолги списоците на тие што ќе ги апсат (од претходната власт), колку посилни се уверувањата дека „никој нема да се спаси, никој нема да биде амнестиран, ќе одговараат сите до последен“ – толку повеќе е јасно дека е во тек „робусна акција“ да се спасат тие што се високо во власта, а се еднакво одговорни за крвавиот настан.
Премиерот треба да знае дека неговиот говор е веќе чуен, дека го слушаме над 30 години во Македонија, дека го препознаваме како бегство од одговорноста и обид да се преживее првиот налет на гневот на јавноста. Овој веќе чуен говор не е најава дека ќе се смени нешто, туку сигнал за ново непостапување, што ќе донесе нови умирања во Македонија. Вакви говори имаше и по „Дурмотурс“, и по „Беса Транс“, и по модуларната болница и по убиството на Фросина, но тоа не ја спречи трагедијата во Кочани, туку напротив, таа е пострашна и поголема од сите претходни, а нема да биде ни последна, бидејќи трите децении изжижување со институциите почнаа да земаат „данок во крв“.
Секаде каде што имало обврска за давање дозволи, лиценци, одобренија и слични документи ќе поче да пука по „рабови“, односно ќе почнат да ескалираат последиците од корумптивното водење на државата: таму каде што здравството ни го водат Бесии ќе умираат пациенти, таму каде што нон-стоп се именуваат партиски директори ќе „умираат“ институции, ќе ни се случуваат епидемии, ќе ни паѓаат згради заради лоши стандарди, ќе се лечиме поради градежната мафија и нечистиот воздух, ќе нѐ газат по улици, ќе станеме лесна мета и за терористи, бидејќи стручните кадри во институциите се заменети со некадарни со фалсификат дипломи.
„Шталата“ во Кочани е сликата што ја виде целиот свет за Македонија, а тоа е слика на пропадната држава. И, така е, кога соседите ни ги гасат пожарите бидејќи немаме пожарникарни возила, соседите ни ги лечат изгорените бидејќи сме укинале центар за изгореници, ЕУ ни дава лекови за пандемија, ЕУ ни ги плаќа сметките за струја, бидејќи немаме своја, со сила ни наметнува стандарди за кои ние наоѓаме начин да ги изигруваме…
Сепак, ако верува Мицкоски дека му се погоди „системот“ како виновник и дека ќе се спаси со најавата дека ќе се бори и ќе го порази, се излажал. Системот е гнил од врвот па натаму и колку да се обидува да ја лоцира моралната одговорност 10, 20, 30 години наназад, не може да ја амнестира ВМРО-ДПМНЕ ни од одговорноста претходно ни од одговорноста сега, иако девет месеци е на власт. Уште повеќе што, откако дојде на функцијата робусно се пресметува само со криминал на опозицијата, три месеци не правеше ништо освен што именуваше партиски членови на функции на сите нивоа во државата, го растури Инспекцискиот совет и ги стави под своја контрола инспекторите за да не гледаат што прават, се нафрли на судството и обвинителството место на криминалците, а за сите скандали што ги доживеа откако е на власт не најде никого одговорен во своите редови и никој за ништо не одговараше.
Поточно, во право е кога вели дека одговорноста треба да има име и презиме и треба да е прецизна, но фрапантно е како во тој „систем што ни ја голта нацијата“ не препознава и сопствена вина за непостапувањата, како што е очигледната потреба министерот Панче Тошковски да си замине од функцијата. Не дека е највиновен, туку за да покаже дека одговорноста живее во Македонија и дека има надеж. Бидејќи тоа не се случува, вчерашниот говор на премиерот, како и фактот дека го снема цел ден и преку Фејсбук изразуваше сочуство за умрените, многумина го протолкуваа како гола реторика на човек што не знае да сочувствува, што е лишен од емоција и кој место да зборува за жртвите, најмногу време потроши да зборува како тој се чувствува.
Некој вчера напиша дека Македонија „мириса на земја“, друг дека стана „држава на некролози испишани од алчност и од корупција“ и дека ова што ни се случи не е трагедија туку масовно убиство. И, ова не е политика туку состојба на дух. Граѓаните знаат дека за да биде подобро треба многу повеќе од апсења и дека е потребно целосно ресетирање на државата. Никакви фрази и реторики веќе не можат да ги излажат. Затоа звучеше скандалозно, по сите срцепарателни зборови на премиерот, упорното објаснување кој до каде бил надлежен и дали требало или не да проверува полицијата дали била истечена лиценцата.
Па, и да се фали колку подготвено одговориле на ситуацијата, во смисла колку брзо ги испратија изгорените деца некој друг да ги лекува, колку брзо ги собраа умрените, колку брзо ги упасија одговорните, колку брзо се случи сѐ тоа- откако умреа шеесет млади луѓе. Да си ја завршеше работата како што треба и кога треба, не ќе мораше ни да изразува сочуство, ни да се жали колку му е тешко на срцето. По сликата од шупата без хидрант, без апарати за ПП заштита, без резервни влезови, со решетки на прозорите (за алчните да си го заштитат имотот), со стиропорот на таваните и без било каква валидна дозвола, сѐ е јасно – досега беше само срамно да си Македонец поради начинот на кој функционира државата, сега веќе е и страшно.