Отворено писмо на Платформата за родова еднаквост до Сиљановска


Фото: Б. Грданоски

Платформата за родова еднаквост упатува честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за нејзиниот избор за претседателка  и ја потсетува дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку истите се соочуваат со општествени и структурни бариери за нивно вклучување.

„Во нашата држава родовата нееднаквост во политичкото учество на жените е видлива на речиси сите нивоа на владеење. На локално ниво, само две (или 2.5%) од 81 општини избрале жени за градоначалници. Дополнително, кога станува збор за извршната власт, од вкупно 16 министерства, само 5 (или 25%) се предводени од жени. Доколку во овие бројки се факторираат и жените од немнозинските групи, оваа статистика е уште поалармантна. Дополнително, Собранието на Р.С. Македонија во над 30 години самостојност на државата сѐ уште немало претседателка на Собранието.

 Со цел да се постигне значајно и релевантно политичко учество потребна е минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот. Но, со актуелното темпо на напредок, не можеме да очекуваме вистинска родова еднаквост во националните законодавни тела уште најмалку 4 децении, или до 2063 година. Да не заборавиме и на поразителниот факт што поголемата бројност на мажите на политичката сцена често пати ги охрабрувало да упатуваат навреди кон своите колешки и отворено да подгреваат атмосфера на мизогинија. Затоа, се надеваме дека изборот на првата жена за претседателка на државата ќе биде пример и мотивација за други жени и девојчиња да земат учество во политиката на сите нивоа и ќе придонесе кон што поголемо вклучување и прифаќање на жените во политиката, каде тие ќе бидат заштитени и третирани со должна почит на рамноправни креаторки на политиката“, порачуваат од Родовата платформа.

Тие ја повикаа Сиљановска-Давкова да ги одржи своите ветувања и да покаже заложба за родова еднаквост во пракса, работејќи кон зајакнување на позицијата на жената во различни сегменти на општественото дејствување, како и пружајќи поддршка во борбата против антиродовите движења.

Ја користиме оваа прилика да потсетиме на приоритетите кои како Платформа за родова еднаквост ги дефиниравме како патоказ за политичарите во поглед на мерки кои што можат да доведат до унапредување на родовата еднаквост во нашата држава:

●      Неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус во секоја општина;

●      Еднаква плата за еднаква работа;

●      Постапување со должно внимание на институциите задолжени за превенирање и заштита од родово базирано насилство;

●      Трансформација на статусот на жените работнички во културата кои со години наназад се соочуваат со неизвесност во однос на нивниот работен статус;

●      50% застапеност на жените на позициите на моќ;

●      Систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за жените земјоделки;

●      Системски решенија за грижа за деца и стари лица;

●      Борба против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените и се главна причина за заминување на младите луѓе од земјата, порачаа од оваа невладина организација.

Тие посочија дека ќе  бидат сојузник на жените во политиката, но и будно ќе го следат спроведувањето на нејзината програма.